Американски суд го блокираше воведувањето царини на Трамп
Американскиот Суд за меѓународна трговија со седиште во Менхетен вчера го блокираше стапувањето во сила на новите царини предложени од Доналд Трамп. Судот оцени дека тој ги пречекорил своите овластувања и дека трговската политика мора да остане во рацете на Конгресот.
Според тројца судии во составот, Уставот на САД му дава на Конгресот ексклузивна надлежност за регулирање на трговијата, која не може да се надмине ниту со повикување на вонредни овластувања.
„Судот не одлучува за мудроста или можната ефикасност на употребата на царини од страна на претседателот како лост. Таа употреба е недозволива затоа што (федералниот закон) не го дозволува тоа“, се вели во одлуката.
Царините прогласени за нелегални
Пресудата доаѓа по две тужби – една поднесена од Центарот за правда „Либерти“ во име на пет мали американски компании. Втора од 13 американски држави, предводени од Орегон. Компаниите тврдеа дека новите царини ќе ја уништат нивната способност за работа.
„Оваа пресуда потврдува дека нашите закони се важни и дека трговските одлуки не можат да се носат по каприц на претседателот“, изјави државниот обвинител на Орегон, Ден Рејфилд.
Тој ги нарече царините „нелегални, неодговорни и економски разорни“.
Трамп се повикуваше на закон за вонредни состојби
Трамп се обиде да ги оправда царините со повикување на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (IEEPA), кој досега се користел исклучиво за санкции против непријателски држави. Тој го прогласи трговскиот дефицит за национална вонредна состојба, со цел да воведе општа царина од 10% за целиот увоз, а повисоки стапки за земји како Кина.
Но, многу од тие мерки беа суспендирани по само една недела. Во меѓувреме, најмалку пет други тужби сè уште се активни во судовите.
Илон Маск се повлекува од администрацијата на Трамп: Го критикуваше новиот буџет
Нови закани за царини кон ЕУ
Трамп исто така во петокот се закани со 50% царини за сите увозни стоки од ЕУ, доколку не се забрзаат трговските преговори. Подоцна го продолжи рокот до 9 јули.
Администрацијата на Трамп најави дека ќе поднесе жалба на судската одлука. Сепак засега, мерките остануваат блокирани.
Извор: Скопје1