Во рамки на надзорната расправа во Собранието организирана од Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот Миле Лефков упати прашања поврзани со состојбите во банкарскиот сектор. Расправата беше посветена на причините за воведување администрација во Алта банка АД Битола, улогата на Народната банка и институционалната одговорност при вакви финансиски процеси.

Лефков посочи дека во изминатиот период во јавноста се пласираат тврдења за наводни трансфери на значителни парични средства од оваа банка кон странство. Тој нагласи дека секој навод мора да добие јасен одговор врз основа на официјални податоци за да се зачува довербата во домашните институции.

„Во последниот период во јавноста се пласираат сериозни тврдења за наводни трансфери на значителни финансиски средства од Алта банка АД Битола кон Србија па дури и кон Русија. Ова се тврдења кои не смеат да останат неодговорени, не смеат да отворат сомнеж за финансиската сигурност, за контролата на финансиските текови и во функционирањето на системот за спречување на перење пари и за можни злоупотреби на финансискиот систем, од друга страна Народната Банка излезе со конкретни информации дека во 2025 заклучно со Октомври 2026 не се евидентирани трансакции на поголеми износи кон Србија, а дека воопшто не се евидентирани приливи или одливи кон Русија во рамките на платниот промет“, рече Лефков.

Пратеникот побара официјални одговори од надлежните тела со цел расчистување на сите дилеми околу евентуални сомнителни движења на капитал.

„Моето конкретно прашање кое треба да го расчистиме е дали Управата за финансиско разузнавање има добиено извештаи или имате сознанија за сомнителни трансакции поврзани со Алта банка АД Битола или со други правни или физички лица поврзани со нив?“, додаде Лефков.