Пратеникот Миле Лефков во телевизиско гостување ја коментираше актуелната состојба со Алта банка и случувањата во банкарскиот систем во земјава. Тој истакна дека Народната банка веќе најавила сет конкретни мерки и како независно регулаторно тело активно работи на заштита на интересите на граѓаните, додека лидерот на опозициската СДС повторно се обидува да внесе страв кај јавноста преку најави за наводен домино ефект.
„Народната банка претставува посебно независно регулаторно тело коешто практично е независно и така треба да биде третирано. Банкарскиот сектор исто така спаѓа во стратешките економски сектори во државата и кога се пристапува во вакви кризи, треба да се пристапува многу внимателно, имајќи на ум неколку принципи, а тоа е заштита на депозитите и заштедите на граѓаните, меѓутоа и заштита на самиот банкарски сектор. Гледаме дека Народната банка како регулатор настапува во моментот во насока на заштита на депозитите на граѓаните. Видовме мерки на прес-конференцијата во три насоки, меѓу кои и зголемување на обемот и местата за пристапност за подигање на готовина“, рече Лефков.
Лефков се осврна и на серијата прес-конференции на лидерот на СДС, посочувајќи дека таквиот пристап има за цел да создаде паника преку бомбастични најави за прелевање на проблемите врз останатите деловни банки, што според него не соодветствува со реалноста.
„Апелирам дека политиката и прстите на политиката треба да бидат особено внимателни кога станува збор за банкарскиот сектор и не треба на овој начин да се обидуваат да креираат хистерија. Важно е институциите да го дадат својот одговор, а ние како Собрание на Комисијата за финансирање и буџет да ги разгледаме сите оние аспекти во коишто институциите требало да постапат, не постапиле или како постапувале“, истакна Лефков.
„Во дадениот момент се заштитуваат депозитите на граѓаните и се работи активно на мерки и начини за подигање на платите, социјалните придонеси и другите плаќања. Се настојува да се преброди ова и да не се создаде она што Филипче го најави како домино ефект во другите банки. Важно е банкарскиот систем да биде стабилен и многу е важно неодговорни политичари да не постапуваат неодговорно, обидувајќи се да добијат некој политички поен“, додаде Лефков.
