Следам дебати на телевизија и читам. На сите им е нешто „преку глава“. Интелектуалци, политичари и новинари се жалат на притисокот на меѓународната заедница врз Македонија и се прашуваат кога веќе еднаш ќе престане. Имам еден разочарувачки одговор за сите нив: никогаш.
Зашто, примарно преку притисок функционира меѓународниот систем на држави, а не преку принципи и правни норми. Причината? Анархичната природа на меѓународниот систем. Престанете да ги рецитирате принципите и нормите по кои посегаме.
Замислете ги државите како санти лед како притискаат една врз друга во океан. Ја најдовте Македонија? Разбирате во каква опасност е?
Или, ако сакате, една посимпатична аналогија на Лестер Пирсон, некогашниот канадски премиер: како се чувствувате да граничите со една толку силна држава како Америка, го прашале. Како секоја вечер да легнувам во постела со слон, па морам да внимавам на секое негово превртување.
Нам ни е „преку глава“. Бараме слонот (Мершајмер вели Горилата) да внимава како се врти зашто нам ни е веќе доста.
Во отсуство на способност за анализа, за која е потребно знаење што го немаат, раководени само од патриотски чувства, нашите мрзливи „дискутанти“ доаѓаат до погрешни и опасни заклучоци. Наместо анализи, имаат список на желби што се блиски до срцата на гласачите.
Тука има само еден проблем: ако ја формулирате својата надворешна политика според желбите, ризикувате да бидете здробени од некоја поголема санта лед. Како што е здробена Украина денес, од погрешна надворешна и домашна политика, на пример.
Во основата на оваа критика, која, не случајно, се засилува сега пред избори, е обвинувањето дека ние Македонците постојано попуштаме под надворешни (па и внатрешни) притисоци и дека е време да се исправиме во достоинство и да се спротивставиме.
Кутрата Македонија постојано изложена на притисок? Ма, не. Никако да разбереме дека преку притисок функционира меѓународната политика. Сите држави се изложени на нејзините закономерности, некои повеќе, некои помалку. Притисокот е да натераш некого да стори нешто што инаку не би го сторил, а зад секој притисок стојат интересите.
МОЖЕ ДА НЀ ЧИНИ ДРЖАВА
Безбедносниот е примарниот интерес. Големите сили притискаат врз сите држави. Регионалните врз оние што им се во соседството. Најтешка е позицијата на малите држави, кои, изложени на сите можни притисоци, се борат за опстанок.
Да речеш „доста ми е“, значи да се откажеш од својата држава. Зошто е толку тешко да се разбере ова? Зашто полесно разбираме дека еден „Микрон“ од Прилеп (ако постои) мора да се прилагоди на „Филипс“, ама многу тешко дека Македонија е во истата позиција во меѓународната политика, во однос на посилните од себе?
Зошто не разбираме дека она што е капиталот во светската економија, тоа е моќта во светската политика? Одговорот е: заради нашите патриотски чувства. Луѓе сме од крв и месо и со секакви, па и патриотски чувства. Дека народот ќе си ги објаснува работите со помош на своите чувства е донекаде разбирливо.
Но, отсуство на образована интелектуална елита, која би требало да знае подобро, е рамно на трагедија. Трагедија која може да нѐ чини држава и нација.
Поради отсуство на образование кај интелектуалната елита на земјата (интелектуалци, политичари, новинари), отсуствува и нејзината еманципаторска мисија кај народот. Да му објасни како е, а не како сакаме да биде во политиката, меѓународната и домашната.
И како да тоа не е доволно: неуките интелектуалци, политичари и новинари ги злоупотребуваат патриотските чувства на народот, прикажувајќи ги сите успеси на политиката постигнати со компромиси, единственото „оружје“ со кое располага малата македонска држава, како неуспеси.
Не можеме да разбереме дека такви и само такви можат да бидат нашите победи во морето на светската политика во кое пливаат китови и сардини. Како би било да и удриме економски санкции на Грција или да организираме воени маневри на нашите граници, му велам на еден „критичар“ на „кукавичката“ надворешна политика во 1992 година и член на тогашната влада на СДСМ?
Притисокот е тука и тука останува засекогаш. Еве една илустрација на кажаново: белешка од едно предавање на Мершајмер, истакнат претставник на американската школа на реалисти во науката за меѓународната политика, пред политичари и интелектуалци на Австралија.
Патем кажано, сум држел и јас слични предавања наназад години за нашите состојби, ама како велат на Балканот: „никој не станал оџа во своето село“. За волја на вистината, ни Мершајмер во Америка, во која велат „никој не станал пророк во својата земја“.
Значи, верувале или не, и Австралијците се жалат дека се под притисок. Зошто не би можела Австралија да го има најдоброто од двата света: безбедносен чадор на Америка и трговија со Кина? Затоа што двете големи сили нема да ви дозволат, одговара Мершајмер.
ИЗБОР МЕЃУ ДВЕ ГОРИЛИ
Ќе ве притискаат да одберете страна. Затоа вие ќе морате да земете страна и вашата политика на јавање два коња нема да успее. За кого ќе се определите? Големите сили притискаат врз помалите сили .Така функционира меѓународниот систем. Мислам дека ќе се определите за САД, а ако не го сторите тоа, мора да разберете дека ќе станете непријател на САД. Што ќе одберете?
Низ целата човекова историја, кога една држава е принудена да избира меѓу просперитет и безбедност, се определува за безбедност. Опстанокот, разбирливо, е највисоката цел. Во некоја смисла ова е трагична ситуација за Австралија, констатира тој.
Изборот е дали сакаш во Азија доминација на Америка или доминација на Кина. САД ќе ве принудат да изберете страна. И Кина ќе ве принуди да изберете страна. Не можете да останете неутрални.
Сосема разбирам дека она што Австралија сака да го направи е да го сочува статус квото за секогаш: безбедносниот чадор на САД и трговијата со Кина. Најмалку што сака Австралија е да се најде заробена во безбедносниот напревар меѓу две горили. Тоа е сосема логично. Ама мојата поента, вели Мершајмер, е дека не можете ѝ да го сочувате колачот и да го изедете.
Ќе бидете принудени да изберете страна. Доброволно? Не! Под притисок. И не ќе може Австралија да каже дека е за Америка, ама дека ќе продолжи да тргува како што сака со Кина, како што Македонија не може денес да каже ние сме за Западот, ама ќе го ревидираме (!?) францускиот предлог.
Или попрецизно, можат и двете држави да го сторат тоа, ама ќе мора да платат страшна цена: Австралија ќе биде доминирана од Кина, а малата Македонија, без западна поддршка, може да ја изгуби и нацијата и државата.
Да, и нашата ситуација е помалку трагична: Кога се знае кој, всушност, диктира во меѓународната политика, партијата на македонските националисти, својот слоган: Нема уставни промени под бугарски диктат, треба да го смени во: Нема уставни промени под американски и европски диктат!