Владата нема да почне процес без исполнување на два клучни услови, без компромис за идентитетот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата нема да започне процес на уставни измени додека не се исполнат два фундаментални критериуми, нагласувајќи дека компромис за идентитетот не е прифатлив. Тој истакна дека е неопходно да се обезбедат јасни гаранции за македонскиот идентитет и македонскиот јазик како официјален во ЕУ и процесот да се води според копенхагенските критериуми, без воведување нови билатерални прашања.

-Важно е две работи да се константа и тие се непроменливи. Прво, мора да имаме јасни гаранции од Европскиот совет, во форма на заклучоци, дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се неприкосновени и дека кога Македонија ќе стане дел од ЕУ, македонскиот јазик ќе биде официјален. Исто така, процесот мора да се води врз основа на копенхагенските критериуми, без нови билатерални прашања, нагласи Мицкоски.

Исполнување на обврските од источниот сосед

Вториот услов, според него, е исполнување на обврските од источниот сосед.

-Ако ние испорачуваме капитулации од претходни политичари, тогаш барем една работа треба да се исполни – регистрација на невладини организации, како ОМО Илинден Пирин, согласно 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права, рече премиерот.

-Граѓаните се фрустрирани, многу сме дале за интеграцијата – име, знаме, банкноти, неколку промени на Уставот. Секогаш кога ќе се исполни условот, доаѓа нов. Не можам повеќе да се изложам на такво нешто, истакна Мицкоски.

Неуспешни билатерални иницијативи и испраќање порака до граѓаните

Премиерот посочи дека имало иницијативи од влијателни земји членки на ЕУ за билатерални разговори, но тие биле неуспешни.

-Имаше иницијативи од многу влијателни земји членки на Европската Унија, па и многу влијателни политичари во Брисел, да се договори состанок на којшто на билатерално ниво ќе се разговара помеѓу министрите, еве да речеме за надворешни работи. Тие иницијативи, замислете, беа неуспешни. Од другата страна немаше никаков одговор, истакна Мицкоски.

Други пак велат:

„Дали сте се обиделе вие да разговарате на билатерално ниво со официјална Софија. Во ред, луѓе, ајде да расчистиме. Дали е ова билатерален проблем или, како што велите, проблем помеѓу нас – Скопје, Софија и Брисел. Ајде да видиме дали е мултилатерален или билатерален. Ако е билатерален, тогаш ние сме во право. Станува збор за процес на билатерализација, а не копенхагенски критериуми. Ако е така, да знаеме“, нагласи премиерот.