По лидерската средба која што се случи пред неколку дена јавноста секојдневно од власта слуша како се расфрла со функции се со цел ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени.
Вчера на брифингот со високи владини функционери, Димитар Ковачевски нагласи дека е подготвен и својата функција како премиер да му ја даде на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Димитар Ковачевски би му ја предал функцијата на Мицкоски иако смета дека тој треба да остане премиер во процесот на измени зашто тој ја презел одговорноста. Во овој пакет за одоброволување на ВМРО-ДПМНЕ останува и понудатата од СДСМ да отстапат пет од своите десет министерски позиции, а можеби и повеќе зашто ДУИ потврди дека ги прифаќа барањата на опозицијата да не биде дел од таа влада.
Дури и на брифингот нагласија дека оставаат, како што велат, уште неколку дена за ВМРО-ДПМНЕ да делегира свои претставници во процесот на уставни измени, а потоа се најавуваат директни преговори со пратеници за нивна поддршка за промена на Уставот.
Набрзо по понудата на Димитар Ковачевски, реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој која дава или зема, тоа го прави само народот на избори“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Предлогот на Димитар Ковачевски наиде на многу остри критики од македонската јавност, но и од низа експерти кои нагласија дека по таа понуда е јасно дека власта нема мнозинство за уставни измени, а ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се случат по бугарски диктат.
„Понудата на премиерот не е искрена. Идејата на премиерот е фактички да посочи дека ВМРО-ДПМНЕ сака само да дојде на власт, и дека ништо друго не го интересира. И ете сега се расфрла со функции во смисла еве и премиер сум спремен да ви дадам. Позицијата премиер, фактички позицијата составување на Владата се добива на избори, а изборите се за една година можеби за помалку од една година пред нас, ако нема и предвремени избори така што нема што премиерот да се расфрла со функции“, истакна Зоран Димитровски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Зоран Димитровски при своето вчерашно гостување на Канал 5 телевизија нагласи дека власта прави театар од уставни измени бидејќи нема 80 пратеници за изгласување на истите.
Експертот Самоил Малчески во вчерашното гостување во емисијата „Само вистина“ рече дека власта сега блефира, и штом се фалат дека имале бројка за уставни измени тогаш нека ги стават на гласање.
„ВМРО-ДПМНЕ кажува дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и тука се јасни. 44 пратеници нема да гласаат. Во овој пратенички состав нема пазарџии како Нола Исмајловска Старова, Крсто Муковски, Елизабета Канчевска Милевска. Ако СДСМ и Ковачевски го одбијат ВМРО-ДПМНЕ се поставува прашање дали СДСМ е заложник на ДУИ во владата и што СДСМ ветувала на штета на македонските национални интереси. Кога имаат јасен и чист предлог тие спинуваат. До кога Македонија ќе биде заложник на нечии интереси. Решение се избори. Ковачевски не учествуваше на избори и сега лесно му е да се расфрла со функции. Ако власта ги одбие предлозите на опозицијата нема друго решение освен избори“, потенцираше Малчески.
Додека пак Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, јасно вчера во „Тема на денот“ нагласи дека на ВМРО-ДПМНЕ не му за премиер, вицепремиер, министри, едноставно прашањето е како да се обезбедат доволно гаранции за заштита на националното достоинство и обезбедување на сигурен пат до ЕУ без понатамошни услови.
„Имаме ново вето и ни викаат ајде уште овој пат. Меѓутоа немаме никакви гаранции дека бугарската влада со нивното сегашно однесување, со сегашната поставеност дека нема да се соочиме со следна блокада кога ќе дојде условот дека за ако сакаме да продолжиме понатаму мора да се согласиме дека цела плејада кои се мит во Македонија да имаат бугарски идентитет. Покрај гаранциите од големите држави, бараме и Бугарија да направи мал чекор, а тоа е да примени од пресудите на Судот од Стразбур за Македонците. Со политичка волја да одиме понатаму“, рече Клековски.