Задолжителното тестирање за влез во Грција важи за 16 земји, меѓу кои и за Македонија, а негативниот резултат ќе биде предуслов за влез во Грција.
Дополнителната мерка е вклучена во новата министерска одлука на грчката Влада, а мерката е објавена во грчкиот Службен весник и важи од 6 часот утрово.
Во однос на неопходните документи за влез во Грција кои се поврзани со ковид-19 нема промени и исто како и во изминатите три месеци за патување во соседната земја потребен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар.
Патниците кои во Грција доаѓаат од: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција, ќе бидат задолжително тестирани на влезните точки во Грција и за влез ќе мора да имаат негативен тест.
Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.