Буџетот е стабилен – ред и дисциплина во испраќањето налози до трезорот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги демантираше шпекулациите дека трезорот ќе се затвори на 15 декември. Тој истакна дека буџетот е стабилен, средствата се обезбедени, а рокот е наменет за поголема дисциплина во доставувањето налози од страна на институциите.
– „Кога зборуваме за трезорот сакаме едноставно да има ред, тоа значи дека минатата година се случи во 5 до 12 многу налози да дојдат и да не може тие да се обработат, се случуваше доверителите да не добијат навремено, да влеземе во друга фискална година, затоа рековме нека биде 15 декември последниот датум, да се обидеме сите да бидеме дисциплинирани. Се разбира дека и на 25 и на 31 декември ако дојде налог истиот ќе биде процесуиран, но вие не можете секогаш во 5 до 12 да ги завршуваме работите, ајде еднаш да бидеме дисциплинирани и навремено да ги завршуваме работите, ете тоа беше иницијативата“, истакна Мицкоски.
– „Буџетскиот дефицит ова година ќе биде под 4% од номиналниот БДП, а номиналниот БДП ќе биде поголем од проектираниот на почеток на годината, ова се макроекономски параметри кои што гарантираат стабилност. Да сумирам состојбата е стабилна, но мора да се научиме на ред и дисциплина, не може стихијно да се трошат парите и не може преку лажни фактури и лажни баратели да се цица буџетот“, заклучи Мицкоски.
