Предизвикана беше непотребна паника бидејќи немаше чад, туку пареа од греењето, велат од туристичката компанија „Ројал травел“ во изјава за телевизија 21 откако нивни патници, сакајќи да излезат надвор, ги искршиле прозорците од автобусот кој се враќал од Грција, откако забележале чад

„Надвор имаше пареа, немаше чад, само ги искршија стаклата и излегоа. Патниците ги фати паника, не сакале да завршат трагично, но всушност ништо не се случи. Во разговор сме и со членовите на семејството, немаме проблем со никого, сите велат дека нема проблем, само патниците предизвикаа непотребна паника“,велат од „Ројал травел“ во изјава за ТВ 21.

Телевизијата во меѓувреме стапила во контакт со МВР од каде што велат оти нема пријави за овој случај.

Претходно, ТВ 21 пренесе дека во автобус на компанијата „Ројал травел“, синоќа, на враќање од Грција, се појавил чад, по што патниците во паника ги искршиле прозорците за да излезат од него. Настанот се случил во Велес. Според информации кои ги пренесе телевизијата, возачот ги повикал патниците да излезат од автобусот, но во тој момент вратите биле затворени, по што патниците ги скршиле прозорците за да излезат.