Набљудувачката мисија ЦРТА регистрирала неправилности на 29 отсто од избирачките места во Србија, каде што се одржуваат парламентарни избори. До 16 часот гласале 56,4 отсто од избирачите, соопшти организацијата. Забележаните неправилности вклучуваат притисоци врз гласачите, членовите на избирачките одбори и набљудувачите.
Според податоците на ЦРТА, на 18 отсто од избирачките места биле забележани процедурални пропусти, додека на 17 отсто биле утврдени неправилности што го загрозуваат интегритетот на гласањето.
Меѓу најчестите проблеми е фотографирањето на гласачките ливчиња, кое било забележано на 40 отсто од избирачките места. Дополнително, на 21 отсто од местата не била почитувана обврската за употреба на УВ-ламба, а на шест отсто било регистрирано гласање без важечки документи за идентификација.
Од ЦРТА предупредуваат дека и помалите неправилности можат значително да влијаат врз изборниот исход, особено доколку разликата во резултатите биде мала.
Набљудувачката мисија пријавила и инциденти насочени кон нејзините набљудувачи. Во Земун била заплашувана набљудувачка на организацијата, додека во Крагуевац непознато лице лажно се претставило како член на правниот тим на ЦРТА.
Организацијата повторно ги повика политичките чинители и граѓаните да придонесат за смирување на тензиите и да се воздржат од каков било облик на насилство.
