Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривични пријави против две лица поради основани сомневања за даночно затајување и други финансиски малверзации. На девизната сметка на 71-годишна жителка на селото Коџалија пристигнале речиси 580.000 евра од странство кои не биле пријавени како доход.
Одделението за внатрешни работи Радовиш поднесе кривична пријава против 47-годишниот И.Ј. од Радовиш и неговата мајка А.Ј. (71) од селото Коџалија. Според истрагата водена од МВР, во периодот од 29 октомври 2019 до 2 ноември 2021 година, на девизната банкарска сметка на пријавената биле уплатени вкупно 579.015 евра, односно околу 35,6 милиони денари, испратени од физичко лице од Германија, при што нејзиниот син имал целосно полномошно за располагање со парите.
Пријавените лица не ги пријавиле остварените приливи како оданочив приход, избегнувајќи ја законската обврска за плаќање на данок на личен доход. По спроведената контрола, инспекторите од Управата за јавни приходи утврдиле неплатен данок заедно со камата во вкупен износ од 3.182.066 денари.
Полициската истрага утврдила и сомнение дека синот дел од овие непријавени финансиски средства ги инвестирал во изградба на бесправен недвижен имот и купување подвижен имот на територијата на државата со цел да го прикрие вистинското потекло на парите. Поради ова, 47-годишникот се товари за кривичните дела даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, како и бесправно градење, додека 71-годишната мајка одговара за даночно затајување. Случајот со соодветните докази е доставен на понатамошно постапување до Основното јавно обвинителство Струмица.
