По добиените информации дека изолирани групи на ученици во неколку училишта во државата по насоки од родителите и старателите ја бојкотираат наставата, апелираме за разумност и повторно приклучување кон останатите деца од нивните класови, затоа што постапката не оди во прилог на нивната едукација, соопшти Министерството за образование и наука и укажува дека секој пропуштен час значи пропуштено знаење кое тешко се надоместува, особено кога воспитно-образовниот процес се организира во вонредни околности поради пандемијата.
– Дигитализацијата на материјалите за учење е дефинирана во новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали и предвидено е да се случува етапно, почнувајќи во четврто одделение од следната учебна година, така што во овој момент тоа воопшто не ги засегнува средношколците и тие немаат причина за отсуство од настава по тој основ, апелира МОН.
Законското решение кое се однесува на учебниците, се додава во соопштението, е во целосна согласност со потребите кои ги наметнува светот во кој тие живеат, а тоа е светот и ерата на дигиталната технологија и никој од нив не треба да поттикнува или поддржува отпор кон промени во чиј фокус е нивниот најдобар интерес и промени кои ќе ја унапредат наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намалат обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесат подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем.
-Апелираме учениците кои денес не се дел од часовите, да ја продолжат наставата и успешно да ја завршиме учебната година. Во меѓувреме, граѓаните да продолжат да ги следат информациите кои ги објавува МОН во врска со креирањето и имплементирањето на промените во образовниот систем, бидејќи сите други извори на информации, можат да бидат неточни и од манипулативна природа, со намера да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства, информира Министерството за образование и наука.