Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ се обрати на нацијата во врска со ситуацијата во таа земја и ги повика опозициските лидери веднаш да формираат влада на национално единство.

„Конечната акција е да се консолидира единството во земјата. Сега сите да сме обединети“, рече тој.

Нетанјаху додаде дека голем број палестински вооружени лица се уште се во земјата и ги обвини за убиства на деца, пренесува „Скај њуз“.

Тој предупреди дека нападите против Хамас во Газа „се само почеток“.

„Најважно е да останеме смирени. Знам дека сите сакаме резултати токму тука, веднаш, но ќе биде потребно извесно време. Им ветувам на граѓаните, на крајот од војната нашите непријатели ќе знаат дека им беше страшна грешка да го нападнат Израел“, рече тој.

„Секое место каде што дејствува Хамас ќе биде претворено во урнатини. Ова веќе се случува и ќе продолжи да се случува“, додаде Нетанјаху.

Тој ѝ порача на нацијата дека САД го поддржуваат Израел „на секој начин“ и дека „непријателите на Израел разбираат што значи тоа“.

„Сите наши непријатели ќе знаат дека беше страшна грешка да се нападне Израел. Она што ќе го направиме во следните неколку дена ќе одекнува со генерации“, додаде тој.

Тој изјави дека злосторствата извршени од Хамас не се видени уште од Исламската држава.

„Отсекогаш знаевме што е Хамас. Сега светот знае. Хамас е ИСИС“, рече Нетанјаху.

Тој посочи дека има пет главни теми со кои ќе се работи во наредниот период: „поразот на терористите кои се уште се во Израел; подготовка на масовна офанзивна операција во Газа; зачувување на мирот на другите фронтови; продолжување на собирањето меѓународна поддршка за операцијата и обединување на земјата“.