Во изминатиот месец, од 6.8. до 9.9.2021 на територија на државата регистрирани се 26 053 граѓани кои биле позитивни на коронавирус кои биле тестирани, ја објави Министерството за здравство анализата за состојбата со ковид во земјава.
Од нив 19% или 5 175 биле целосно вакцинирани, односно имале две дози од вакцината против ковид. Според тоа, во изминатите пет недели, 20 878 граѓани, односно 80% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.
Иста е состојбата и кај хоспитализирани лица. Таму 84% отсто од оние кои биле примени во болница поради ковид се невакцинирани, додека само 16% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Оваа анализа, како и претходните, покажува дека смртноста од ковид кај невакцинираните лица е поголема. Па така, во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со ковид, при што 87% од починатите не биле вакцинирани, 12% (или 87 лица) биле со примена една доза од вакцината.
Заклучокот дека починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања што беше карактеристичен и за претходните анализи важи и во овој случај.
Кога станува збор за заразените и починатите лица кои се вакцинирани, од Министерството посочуваат дека тие биле вакцинирани со сите оние вакцини кои се на располагање кај нас и вакцините „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
Врз основа на оваа и на сите претходни анализи, Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинацијата, дека секоја вакцина која ја има на располагање е безбедна, дека ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Затоа и апелот граѓаните да се вакцинираат,бидејќи само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе спречи ширењето на мутациите на СарсКов2.