Колони автомобили од рано утринава беа присутни на граничниот премин Табановце, каде според информациите на Автомото сојузот на Македонија се чекало и по четириесет минути за излез од државата.

Најголем дел од оние кои патуваа се пријавиле за вакцини преку Стопанската комора и денеска ќе се вакцинираат во Ниш, но имаше и такви кои одлучиле да одат без направена пријава, со оглед дека вакцина може да примат сите кои ќе дојдат на вакциналните пунктови во Србија викендов.

Голем дел од оние кои аплицирале преку системот Е-управа, како што рекоа, немаат никаков српски документ, но им бил закажан термин за вакцинирање.

Официјалните бројки, покажуваат дека над 2.000 лица од рано утринава ја напуштиле Македонија преку Граничниот премин Табановце.

– На ГП „Табановце” во периодот од 00.00 часот до 10.00 часот на 27.03.2021 година влез/излез оствариле вкупно 3234 лица, од кои на влез 1095 лица, а на излез 2139 лица, информираат од Министерството за внатрешни работи.