Во тек е процес на разговори за измени на Кривичниот законик во кој, меѓу другите, се вклучени и претставниците на невладиниот сектор, рече владиниот портпарол Душко Арсовски одговарајќи на новинарско прашање за барањата на сексуалните работнички за декриминализација на нивната работа.
-Барањата во моментов се разгледуваат, измените на Кривичниот законик се очекува многу скоро да бидат на седница на Влада. Се воведуваат нови кривични дела, како што се полов напад и полово вознемирување. Тоа ги опфаќа сите лица, жени, меѓу кои, секако, се и сексуалните работнички, рече Арсовски.
Сексуалните работници денеска во Скопје, под мотото „Црвениот фустан добро ми прилега“, го одбележаа Меѓународниот ден на сексуалните работници – 2 Јуни, и порачаа дека е потребно унапредување на нивните здравствени, социјални и работнички права.