Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го истражува случајот за физички надзор и следење на премиерот Христијан Мицкоски, неговото семејство и други граѓани. Предметот што го отвори Републичкиот јавен обвинител е споен со постоечки предмет во предистражна фаза, кој беше оформен по поднесена кривична пријава за незаконско следење на граѓани.

Споени предмети во предистражна постапка

Од Обвинителството истакнаа дека се издадени наредби до релевантните институции за утврдување на факти и расчистување на случаите.

„Во моментов, со оглед дека станува збор за предистражна постапка, не можат да се споделат повеќе информации за да не се загрози постапката,“ изјавија од Обвинителството за „Слободен печат“.

Коцевски: Предметот за незаконско следење е оформен по допрен глас

Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, во интервју за емисијата „360 степени“ изјави дека лично оформил предмет по допрен глас откако Мицкоски ги обзнани наводите за следење.

„Во јавното обвинителство за организиран криминал и корупција веќе имаше поднесена кривична пријава против други лица, и постапките сега се споени. Дел од индициите укажуваат на дејствија од 2020 година,“ рече Коцевски.

Тој истакна дека доколку станува збор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, постои можност за застарување на делото според новиот Закон за кривична постапка.

Наводите за „Цилиндер“ и „Џокер“

Прашањата за незаконско следење беа отворени откако Мицкоски од собраниската говорница изјави дека извесен извор наречен „Цилиндер“, кој подоцна бил преименуван во „Џокер“, го следел него, неговата сопруга, неговиот син и членови на неговата партија во периодот пред локалните избори во 2020 и 2021 година.

Мицкоски тврди дека активностите биле организирани од параполициска вооружена формација, создадена за политички цели.

Нејаснотии за инволвираните агенции

Ниту од Обвинителството, ниту од изјавите на Коцевски, не се открива за која агенција се однесуваат обвинувањата – дали станува збор за Агенцијата за национална безбедност (АНБ) или за Агенцијата за разузнавање.