Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека градскиот воз ќе почне да сообраќа на 1 септември, како што било ветено, и покрај тешката штета предизвикана со кражбата и уништувањето на енергетската инфраструктура за железницата. Тој порача дека ќе продолжат и редовниот товарен сообраќај на Коридорот 10, како и патничките линии кон Велес, Гевгелија, Прилеп и Битола.

Николоски информира дека вечерва одржал координативен состанок со директорот на „Железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, и со директорот на „Железници – Транспорт“, Дејан Кошутиќ, по кражбата и уништувањето на дел од енергетската инфраструктура неопходна за железничкиот сообраќај.

„Градски воз ќе има. Ветивме од 1 септември и од 1 септември ќе оперира. Редовен карго-сообраќај на Коридорот 10, кој носи најмногу приход на Железници, ќе има. Патнички возови за Велес, Гевгелија, Прилеп и Битола ќе има“, порача вицепремиерот и министер за транспорт.

Тој изрази уверување дека со брзата реакција на Министерството за внатрешни работи сторителите ќе бидат пронајдени и ќе одговараат за уништувањето. Николоски му се заблагодари на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за брзата реакција.

„Ние градиме, други уништуваат. Ние ќе победиме. Ја градиме Македонија“, напиша Николоски.