Електровлечната подстаница во Драчево, сместена меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е целосно ставена надвор од функција по кражба од големи размери. Според првичните проценки, причинетата материјална штета изнесува околу пет милиони евра, а уништен е значителен дел од електроенергетската опрема неопходна за нормално функционирање на железничката инфраструктура.
Сторителите насилно превртеле два електроенергетски трансформатори, секој тежок повеќе од 30 тони. Од нив било испуштено трансформаторското масло, а бакарните намотки и другите вредни делови биле демонтирани и однесени. Од објектот биле украдени и бакарни жици, бакарни шини, прачки и речиси целата останата опрема потребна за работа на подстаницата.
Од Министерството за транспорт оценуваат дека не станува збор само за кражба на бакар и опрема, туку за сериозен удар врз критичната железничка инфраструктура. Уништувањето на подстаницата може да предизвика последици врз безбедноста и нормалното одвивање на железничкиот сообраќај.
