Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во изјава за порталот „Плусинфо“ се огласи откако неговиот став дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка, соопштен на прес-конференција, дел од медиумите го протолкуваа како промена на позицијата на македонската дипломатија во однос на пристапниот процес кон ЕУ.

На прашањето на Плусинфо во што се состои е разликата меѓу неговото тврдење и тезите на Бујар Османи, министерот Муцунски  истакна дека станува збор за суштинска разлика и дека Бујар Османи бил токму тој што зад затворени врати со тогашната бугарска влада, ја застапувал тезата дека протоколите биле правно обврзувачки документи.

„За жал, токму Бујар Османи беше оној којшто зад затворени врати, во разговорите со тогашната бугарска влада, ја застапуваше тезата дека протоколите се правно обврзувачки документи. Денес, кога ние ја браниме правната вистина и бараме јасни гаранции дека билатералните толкувања нема да станат европски критериуми, обидот тоа да се претстави како промена на позицијата е целосно неоснован“, истакнува шефот на македонската дипломатија.

Муцунски воедно се осврна и на протоколите, како и за политичките обиди за билатералните прашања да се користат за влијание врз пристапниот процес.

„Протоколите не се правен дел од Преговарачката рамка. Но, целосно сме свесни за политичките обиди билатералните прашања да се користат за влијание врз пристапниот процес во ЕУ. Суштината на проблемот е што Бугарија има поинакво толкување и ги третира т.н. протоколи како составен дел од Преговарачката рамка, додека нашиот став е дека станува збор за одвоени документи. Токму оваа разлика во толкувањето ја потврдува потребата од јасност, предвидливост и гаранции дека процесот на пристапување ќе се води врз основа на европските критериуми, а не на билатерални интерпретации“, посочи тој.