На народниот митинг во Новаци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски порача дека очекува граѓаните масовно да ја поддржат неговата партија на претстојните локални избори, гласајќи за бројот 9.
„Убеден сум дека граѓаните во голема мера ќе дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и ќе гласаат за бројот 9, за да продолжи Македонија да се гради и развива“, рече Мицкоски.
Тој остро ја критикуваше изборната стратегија на политичкиот противник, СДСМ, нагласувајќи дека кампањата од првиот ден се води со „црна пропаганда, монтажи и спинови“, насочени главно кон него и неговото семејство.
„Ако не е црната кампања тие нема за што да зборуваат, затоа што тие од нивното време не оставиле ништо вредно, освен криминал и корупција“, рече тој, додавајќи дека СДСМ сега се претставува со слоганот дека се бореле за својот дом.
Мицкоски им се обрати на присутните со прашање:
- „Но, имам јас една дилема која би сакал пред вас да ја соопштам. А, тоа е, за кој дом? За хациендите на Халкидики, за хациендите во Дубаи или за јахтите коишто ги гледавме ова лето? За кој дом зборуваат? Затоа што тие имаа можност да се борат за домот 7 години, а тие го опустошија и го распродадоа домот и во секоја смисла на зборот, го понижија македонскиот народ. Да не дозволиме тоа повторно да се случи“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на грешките кои, според него, секогаш се повторувале кога СДСМ бил на власт:
„Вратете се назад од она времено име, па сè до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме на овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш до сега“, повика Мицкоски.