Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го осуди случајот со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, нагласувајќи дека секое незаконско постапување мора да биде санкционирано. Од институцијата очекуваат надлежните органи целосно да го расчистат случајот.

„Очекуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство, целосно да го расчистат случајот и да постапат согласно законите и прописите на државата. Секое прекршување на законите, користење на службената положба за личен интерес мора и ќе биде санкционирано, и секој што се огрешил пред законот ќе сноси одговорност. Нагласуваме дека никој не е над законот и дека борбата против корупцијата е врвен приоритет на Владата“, соопшти министерството.

Во соопштението се наведува дека, за разлика од претходниот период, актуелната власт спроведува неселективна правда.

„За разлика од претходно кога СДСМ и ДУИ беа на власт и ги штитеа своите високи владини и партиски функционери, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува неселективна правда, без оглед на функцијата, позицијата или политичката припадност“, се додава во соопштението.

Од Министерството порачуваат дека нема да има заштитени лица и ги повикуваат граѓаните да пријавуваат вакви случаи.

„Повеќе нема привилегирани и заштитени, ќе одговара секој, без исклучок. Ги охрабруваме земјоделците доколку во иднина се соочат со вакви работи, веднаш да пријават. Институциите функционираат и така ќе продолжат во иднина, транспарентно и одговорно во интерес на граѓаните и земјоделците се со цел заштитата на правниот поредок и владеењето на правото“, се вели во соопштението.