Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, оцени дека реакциите на опозицијата на употребата на зборот „талог“ покажуваат дека нејзините претставници самите се препознале во изјавата, иако никој не ги посочил по име.
„Проблемот не е во зборот, туку во огледалото! Една изјава беше доволна за целата опозиција да скокне како попарена. Но, зошто? Ако тврдат дека тие не се талогот на општеството, зошто толкава паника и драматизација? Навистина е фасцинантно колку брзо се препознаа. Никој не ги прозва по име, а сите се построија во ред за демант. Богами… ваква самодоверба ретко се гледа“, напиша Петкоска.
Таа ја обвини опозицијата дека седум години ја водела државата со неспособност и празни ветувања, а сега се обидува да држи лекции за инфраструктурата и економијата.
„Истите политички пиромани кои седум години ја палеа државата со неспособност, денес глумат пожарникари! Истите мајстори за празни ветувања, кои не изградија ниту еден километар нов автопат, денес држат лекции за инфраструктура! Делницата Кичево – Охрид со години беше симбол на застој и повеќе личеше на ботаничка градина, отколку на градилиште“, наведе Петкоска.
Според неа, додека поранешната власт се богатела, граѓаните осиромашувале, инфлацијата растела, а платите и пензиите заостанувале зад цените.
„Додека тие се богатеа, народот осиромашуваше. Додека тие се фалеа со монтирани и скапо платени видеа, Македонија тонеше на дното по економски раст. Инфлацијата дивееше, платите и пензиите каскаа зад цените, а единственото што растеше со брзина на светлината, беа нивните изговори. Затоа денес ни е и повеќе од јасно од каде доаѓа нервозата“, истакна таа.
Петкоска тврди дека граѓаните сè појасно ја забележуваат разликата меѓу, како што вели, политиката на резултати и политиката на изговори, а опозицијата ја вознемируваат подобрените економски показатели и инфраструктурните проекти.
„И сега, кога бројките се подобруваат, кога се градат патишта, кога економските показатели се движат во добра насока, кога Македонија конечно излегува од местото во кое тие ја заковаа, ги вознемируваат резултатите!? Ако си го поставиме прашањето зошто секој успех ги прави толку нервозни? Одговорот е едноставен. Успехот најсилно ги демантира оние кои цела политичка кариера ја граделе врз магла, прашина и манипулации“, напиша Петкоска.
