Арбитражните постапки кои се водат против државата, а се координирани од телото за арбитражни постапки во моментов се со проценета вредност од над 1,3 милијарди евра
Во моментов две нови меѓународни арбитражни постапки против Македонија. Последни кои ја тужат државата се албанската групација Амадеус Груп за прекинувањето на проектот „Шпански скали“ на скопскиот плоштад и италијанската фирма ФЦЛ Амбиенте која беше избрана за концесионер на Дрисла, но потоа тендерот беше поништен.
Вицепремиерот Битиќи вели дека албанската Амадеус Груп за „Шпански скали“ бара отштета од 110 милиони долари. За овој проект се води и судски процес.
ФЦЛ Амбиенте, пак, беше избрана за концесионер на Дрисла во време кога градоначалник беше Коце Трајановски, но по неколку тужби пред управните судови, тендерот беше поништен во 2019 година. Компанијата сè уште не навела колку отштета бара.
Ниту еден функционер досега нема понесено одговорност за своите постапки со кои државата била доведена во позиција да плаќа отштети. Битиќи вели дека мора да има лична одговорност. По завршување на секоја постапка која се води пред меѓународен суд целото досие Владата го доставувала до Јавното обвинителство, кое понатаму треба да постапува.
Хеленик петролеум е последната компанија која ја доби Македонија на меѓународен суд. Државата за случајот со договорот со Окта треба да исплати 25 милиони евра поради неисполнување на договорот потпишан во 1999.
Во моментов се водат 5 постапки против државата, а доколку Македонија ги загуби случаите, тоа ќе нè чини 1,3 милијарди евра.