Никола Димитров со критика кон ЕУ: Европа не смее да молчи
На меѓународниот Сими Симпозиум во Грција, поранешниот министер за надворешни работи и претседател на Центарот „Солуција“, Никола Димитров, остро ја критикуваше Европската Унија за отстапување од нејзините основни вредности. Тој оцени дека Унијата ја губи својата суштина кога не реагира на неправди и кога дозволува прекршување на меѓународното право.
- „Европа мора да биде принципиелен партнер што гласно реагира. Тоа денес го нема“, нагласи Димитров во своето излагање.
Македонскиот идентитет повторно под удар
Говорејќи за македонското искуство во евроинтеграциите, Димитров изрази разочараност што најголемата вредност од Преспанскиот договор – признавањето на македонскиот идентитет и јазик – денес е доведена во прашање.
- „Бугарија со гордост го користи ветото, поттикната од Франција. Наместо да зборуваме за реформи, се влечеме назад со прашања од минатиот век. Ова е недозволив наратив за Европа на 21 век“, рече Димитров.
Молкот на Европа во време на глобални кризи
Во контекст на глобалните предизвици, Никола Димитров посочи дека молкот на ЕУ за прашања како човековите права, правдата и случувањата во Газа, сериозно го поткопува кредибилитетот на Унијата.
- „Многу европски лидери не се свесни колку ќе ги чини нивниот молк“, предупреди тој.
На панелот посветен на демократските предизвици во Медитеранот, учествуваа и истакнати фигури како државниот министер на Албанија Тулант Бала, поранешниот премиер на Тунис Мехди Јома, поранешниот генерален секретар на Арапската лига Амр Муса, како и универзитетски професори и експерти од Европа и САД.