Мешањето од бугарската држава последните години и сега во време на попис во Република Албанија е зголемено и поагресивно, вели за Дојче Веле, Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден”-Тирана и главен и одговорен уредник на весникот „Илинден“, кој се печати на македонски јазик во Тирана. Според него, цела бугарска машинерија е впуштена во притисоци кон Македонците да се попишат како Бугари со сите методи. Главна е делење пасоши и уцена да се пишат Бугари за да добијат државјанство, бидејќи само тоа „пали“ кај населението поради економски причини за да бегаат во западните земји за подобар живот. „Да беше Албанија или Македонија во ЕУ нема ни што да нудат“, оценува Ѓурѓај за ДВ.

Пописот во Република Албанија почна на 18 септември и завршува на 30 октомври годинава. Македонското друштво „Илинден“-Тирана почна со кампања „Горе главата – Изјасни се дека си Македонец“ во Република Албанија и во континуитет апелира до Македонците во Република Албанија да не се плашат и слободно да се попишат. „Тие со векови се Македонци коишто зборуваат македонски јазик“, вели Ѓурѓај. Во екот на пописот и зголемените притисоци на терен, тој ја опишува атмосферата во која што се спроведува најголемата статистичка операција во соседна Албанија.

Високи функционери од Бугарија ги посетуваат регионите каде што живеат Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник. Делат помош, нудат државјанства како на пазар, укажува претседателот на македонското друштво „Илинден“ во Тирана.

Ваквите предупредувања доаѓаат по информациите дека амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров, допатувал во Пустец во време кога во Албанија се одржува пописот на населението и домаќинствата и граѓаните ќе бидат прашани и за нивната етничка припадност. Потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Ефтим Митревски оваа посета ја оцени како мешање и форма на притисок.

Претседателот на македонското друштво „Мост“, Бесник Хасани, пак тврдеше дека бугарскиот амбасадор ги убедувал Македонците да се попишат како Бугари на пописот, притоа делејќи им на улица бесплатни електронски уреди – таблети и телефони.

Во пресрет на пописот, и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, беше во неколкудневна посета на Албанија, при што го посети селото Големо Острени и се сретна со претставници на бугарското национално малцинство од регионот Голо Брдо. Месноста Голо Брдо и селото Големо Острени се лоцирани на крајниот источен дел од Албанија. Населени се претежно со македонско население.

Делат помош, нудат државјанства како на пазар и тоа го прави земја што е во ЕУ пред очите на целокупна јавност во Република Албанија. Дали институциите го гледаат тоа и амбасадите акредитирани во Република Албанија, бидејќи јасно е дека не е дозволено во време на попис да се прави притисок врз населението, вели нашиот соговорник. Тој ги повикува институциите во Република Албанија да преземат мерки и странските амбасадите во Република Албанија, како и институциите во татковината Македонија.

Целиот текст на Дојче Веле