Србија и Босна и Херцеговина треба да го усогласат визниот режим со Европската Унија, а проблемот со илегалната миграција мора да се реши на надворешната граница на Унијата, пред се на границите на Грција и Бугарија со Турција, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Во изјавата дадена за  новинарите во Пазин, Пленковиќ нагласи дека е неопходна и „построга политика на визен режим што Босна и Херцеговина и Србија треба да ја усогласат со визната политика на Европската Унија“.

– Не може да дојдете на аеродром во Белград или Сараево, а потоа од турист да се претворите во илегален мигрант, рече премиерот на Хрватска.

Тој ја отфрли можноста за поставување жица на границата со соседна Босна и Херцеговина.

– Хрватска има повеќе од 6.000 полицајци на границата, ја чува својата граница, нема жица на границата со Босна и Херцеговина и нема да има бидејќи од другата страна живеат Хрвати и сите граѓани на Босна и Херцеговина, истакна Пленковиќ.