Судскиот процес почна денеска, а обвинетиот ја призна вината, иако тоа предизвика негодување од таткото на Јелена, Драган Филиповиќ, кој со полициска придружба беше спроведен од кумановскиот затвор.

Тој реагираше откако судскиот совет ја отфрли листата со докази предложена од нив, со образложение дека нема потреба да бидат вклучени во процесот бидејќи обвинетиот веќе ја признал вината.

-Не еден, имам 101 доказ дека Јелена е убиена, изјави Филиповиќ, кој пред судот рече дека адвокатот кој го ангажирале утрово им откажал полномоштво.

На денешното рочиште не се појави ниту Тамара П. (20) од Куманово, која се возела во автомобилот кобната вечер, а која во случајот исто така се води како оштетена. Судот следното рочиште го закажа за 19 ноември,

Според обвинението, на 14.01.2020 во 01.30 часот на крстосницата од ул.„2“ и ул.„10“ во село Миладиновци и локален пат за село Бујковци, кај железничката пруга, автомобил „цитроен ц5“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Стефановвски, излетал од коловозот. На местото на незгодата починала Јелена, а тешки телесни повреди добил возачот и сопатничката Тамара П., по што биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
Семејството обвинуваше и тврдеше дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа. Обвинителството немаше такви докази и поднесе обвинение против возачот.

Трагедијата имаше и продолжение кога таткото на Јелена беше приведен под сомнение дека барал платен убиец за ликвидација на луѓето кои го смета за одговорни за смртта на Јелена.

Драган Филиповиќ наводно од април до август годинава поттикнувал лица за парична награда да извршат убиство над неколку лица, но истовремено во повеќе наврати им се заканувал со огнено оружје да го извршат кривичното дело.

Претходно во април, мајката на загинатата девојка пријавила во полиција дека била следена од сведок на трагичната сообраќајна несреќа во која настрадала Јелена.

Кулминација на случајот се случи ноќта на 10 октомври годинава, кога тројца кумановци, од кои двајца затвореници на викенд отсуство го осквернавиле гробот на Јелена. Иако обвинителството првично информираше дека станувало збор за обид за кражба на накит, подоцна беше издадено уште едно соопштение од ОЈО во кое стоеше дека се истражува и друг мотив за кривичното дело.

Мајката на Јелена, Гордана Филиповиќ тогаш изјави дека сквернавењето на гробот не било поради кражба, туку заради заплажување пред судскиот процес.

-Не верувам во приказната дека гробот е откопан за да на ќерка ми и украдат златно ланче. Еден ден претходно, еден ден пред да го откопаат гробот, јас пријавив во полиција дека дојде човек пред мојата куќа, пред мојата врата да ми се заканува и да ми каже дека „многу брзо ќе ја разберам пораката”. Поточно, дојде шофер од фирмата на сопатничката на Јелена од вечерта кога се случи несреќата. Тој дојде кај мене дома. Пријавен е, полиција го бараше, ноќта не го најдоа. Меѓутоа, утредента е приведен, па пуштен. Ова се само извршители на делото, а нарачателот кој е? Друго, златни предмети не се одземени од гробот. Ништо не недостасува. Само е осквернавен гробот, расфрлани се од Јелена марамата, ќебето, чаршафот за јас да го видам тој призор и да ме уништат и мене, вознемирено и низ солзи раскажа за „Слободен печат“ мајката на загинатата девојка.