Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, од собраниската говорница, јавно отвори прашање за можна поврзаност меѓу одлуката на поранешниот претседател Стево Пендаровски да не го потпише Законот за игри на среќа и изградбата на зграда во скопската населба Влае, која Николоски ја поврза со поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.

Во своето обраќање во Собранието, Николоски најави дека ќе оди чекор понатаму во отворањето на ова прашање.

„Мислам дека јавноста заслужува одговор на уште едно прашање. Ние нешто за тоа зборувавме во јавноста, но јас ќе одам сега чекор напред“, изјави Николоски.

Тој директно го постави прашањето за евентуална поврзаност на двата случаи.

„Дали тоа што поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски не го потпиша Законот за игри на среќа, кој го донесе претходниот парламентарен состав, можеби е поврзано со изградбата на зграда во Влае на неговиот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу?“, праша Николоски од собраниската говорница.

Вицепремиерот побара надлежните институции да испитаат дали постои финансиска поврзаност.

„Односно, дали едното и другото се поврзани и каде води трагата на парите? Ги повикувам, еве од овде, и обвинителството, и финансиската полиција, и финансиското разузнавање да постапат во однос на оваа работа“, порача Николоски.

Во своето собраниско излагање тој се осврна и на законските измени со кои, според него, Владата воведува значителни ограничувања во организирањето игри на среќа, вклучувајќи забрана за рекламирање, ограничувања за објектите и зголемени давачки за приредувачите.

Николоски најави дека од 1 јануари единствен приредувач на онлајн игри на среќа ќе биде државата, преку Државната лотарија, а истото ќе важи и за видеолотариските терминали.

Тој потсети и дека, откако е избрана актуелната Влада, биле укинати лиценците на три компании за приредување онлајн игри на среќа, како и платформата „2Win“.

Николоски во своето обраќање пред пратениците не презентираше конкретни докази за поврзаност меѓу одлуката на Пендаровски и изградбата во Влае, туку јавно побара институциите да ги испитаат неговите сомневања.

Со ова, вицепремиерот од собраниската говорница отвори прашање за кое одговори се очекуваат и од поранешниот претседател Стево Пендаровски и од поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.