Имаме еден класичен систем на политичка корупција и политичка проституција. Ако некој до сега не знаеше како изгледа еве ги на сцена. Гледаме еден куплерај кој се случува на македонската политичка сцена каде СДСМ и ДУИ се обидуваат по секоја цена да внесат нови политички партии во Владата. Начинот на кој се однесуваат неколку политички партии покажуваат дека изборите губат смисла. Која е поентата да има избори и по избори сите да сакаат да влезат во влада. Тогаш нема поента од избори, рече Александар Николоски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување на емисијата Заспиј ако можеш што се емитува на телевизија Алфа.
Николоски посочи дека дека Алијанса за Албанците е уценета.
„Зошто велам уцената? Затоа што овој Арбен Таравари кој што го гледаме сега е непрепознатлив од претходно. Има еден сплет на околности кој мора да се знае, минатата година имаше локални избори во општина Тетово каде Алијанса помина катастрофално, има кредибилни информации кои говорат дека Таравари намерно го намести Зијадин Села, имајќи во предвид дека Таравари во Тетово, Гостивар е повлијателен и намерно не сработи. Села мораше да замине, тоа беше првиот чекор. Вториот чекор во скопско Тафталиџе му беше поклонета куќа од 261 квардат на Таравари и третиот чекор, тој ја внесува Алијанса во Владата. За мој вкус многу евфтино се продадоа“, посочи Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека во моментов ова што се случува е корупција, или „претседателот на партијата им се искорумпира, деновиве ќе извадиме некои документи за други челници во текот на собраниската дебата, така што таа партија е искорумпирана“.
„Сакаат да влезат во Влада да доискрадат. Значи има само политичка проституција и политичка корупција во Алијанса“, укажа Николоски. Според него ова што се случува со Алијанса „не се случува ниту поради европската перспектива, ниту поради блиски програми, туку само заради политичката корупција и политичка проституција“. Николоски заклучи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека за решавање на кризата е да се оди на избори. „На избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, жално е што Македонија ќе изгуби уште неколку месеци“, рече тој укажувајќи дека ако следната година се изборите заедно ќе бидат и парламентарните и претседателските и оти партијата ќе има двојна победа.