Заеднички да го градиме партнерството помеѓу македонскиот и турскиот народ и да создаваме уште подобри услови за изучување на турскиот јазик, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на свеченоста што се одржа попладнево во Скопје по повод Денот на настава на турски јазик – 21 Декември и 20. годишнината од отворањето на Канцеларијата на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Скопје.
– Наставата на мајчин јазик е најголемата цивилизациска придобивка која што може да ја има еден народ и горд сум што можам да кажам дека Македонија тоа го овозможува на сите припадници на турската заедница. Ова е нешто што треба заднички да го градиме и надградуваме затоа што е наша заедничка држава, нашите јазици заеднички коегзистиарат не со децени туку со векови и тоа е цивилизациска придобивка шо треба да ја негуваме – рече Николоски.
За македонскиот народ, истакна, нема поблизок од турскиот народ, за Македонија нема поблиска држава од Република Туркије.
– И затоа треба да работиме заеднички на уште подобри услови за изучување на турскиот јазик но и за настава на мајчин турски јазик – рече Николоски.
Централната церемонија по повод 21 декември Ден на настава на турски јазик се одржа во СЦ „Борис Трајковски“, во организација на ТИКА, а претходно беше организиран и свечен прием.
Вчера беа одржани церемонии за предавање на два проекта реализирани од Турската агенција за соработка и координација – Отворање на целосно реновираниот и опремен со средства обезбедени преку ТИКА на Здравствен дом Пласница и отворање на лабораториите и церемонија за донација на возила на Јавната установа Хидробиолошки институт на Република Северна Македонија во Охрид.
