Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска изрази оптимизам дека денот на локалните избори ќе помине мирно, а резултатите ќе донесат, како што рече, „голема и извесна победа“ за неговата партија.

„Се надевам дека ќе имаме еден мирен изборен ден во кој граѓаните ќе можат да го искажат својот избор,“ изјави Николоски, додавајќи дека досега изборниот процес се одвива без инциденти.

ДИК водена од опозицијата е гаранција за фер избори

Николоски посочи дека стабилноста на изборниот процес е засилена од фактот што Државната изборна комисија е предводена од опозицијата.

„Додадена вредност во нашиот изборен систем е што Државната изборна комисија секогаш е водена од опозицијата и тоа дава дополнителна сигурност и дополнителна гаранција за фер и демократски избори,“ изјави тој.

Тој очекува дека ДИК, со претседател Борис Кондарко, ќе обезбеди фер изборен ден.

„Се надевам дека Државната изборна комисија предводена од Борис Кондарко, којшто е предлог на СДСМ, ќе успее да спроведе фер и демократски избори, дека граѓаните ќе можат да го искажат својот став на еден мирен и демократски начин,“ додаде Николоски.

Граѓаните денеска ќе го потврдат вистинскиот избор

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека изборната кампања била успешна и дека партијата ги претставила своите кандидати и политики на убедлив начин.

„Сметам дека имавме една добра кампања во којашто ги претставивме нашите позиции, и зошто сметаме дека нашите кандидати се најдобри и треба да се направи вистинскиот избор,“ нагласи Николоски.

Тој додаде дека очекува победа уште во првиот круг во повеќе општини, меѓу кои и Прилеп.

„Очекувам една голема, извесна победа и на ниво на држава и тука во Прилеп. Очекувам најголем дел од победите да бидат во првиот круг, и очекувам во Прилеп, исто така, да имаме победа во првиот круг,“ порача Николоски.