Најсилната европска институција за заштита на човековите права е под јурисдикција на Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права. Во Европскиот суд, десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда која не можат да ја најдат во домашните судови кога нивните основни човекови права, правото на слобода на говор, правото на здружување, правото на национална самоидентификација и правото на употреба на нивниот мајчин јазик е повредено, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Николоски истакна дека Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права.

-Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но за жал Бугарија одбива да го стори тоа. Одбива да ги регистрира своите здруженија преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја членка на Европската Унија.

Почитувани, има 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците во Бугарија и досега ниту една од нив не е спроведена од Бугарија. Ниту една! Ова е силно поткопување на кредибилитетот на судот и затоа Советот на Европа мора да дејствува. Во услови на војна во Украина, кога не се почитуваат човековите права, во Европа не се потребни лоши примери.

Би сакал да истакнам две од 14-те пресуди на Европскиот суд кои за мене на многу симболичен начин покажуваат каде се наоѓа Бугарија во овој процес. Првата е за одбивањето да се регистрира „МАКЕДОНСКИ КЛУБ ЗА ЕТНИЧКА ТОЛЕРАНЦИЈА ВО БУГАРИЈА“. Што е спорно ако се регистрира македонски клуб за етничка толеранција, кога етничката толеранција е највисока цел на Советот на Европа?

Втората пресуда се однесува на регистрирање на „ЗДРУЖЕНИЕ НА РЕПРЕСИРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРИЈА ЖРТВИ НА КОМУНИСТИЧКИОТ ТЕРОР“. Во Бугарија комунизмот владееше 45 години и не гледам причина Бугарија да не се соочи со своето минато и да признае дека има жртви на комунистичкиот терор кои меѓу другото настрадале и затоа што биле Македонци.

Не случајно во анализата на Секретаријатот за извршување на пресудите се изразува длабока загриженост дека во последните постапки за регистрација започнати од здруженијата на македонските апликанти во Бугарија, судовите повторно ги занемариле начелата наведени во пресудите на Судот и Привремена резолуција на Комитетот на министри.

Почитувани, Бугарија постојано ја блокира Македонија на европскиот пат, Македонија не може да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ затоа што Бугарија постојано става вето, а во исто време Бугарија не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тоа е лицемерната политика со која барам да се стави крај.

Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ затоа што граѓаните на Македонија тоа го заслужуваат, а Бугарија да ги овозможи основните човекови и јазични права на Македонците во Бугарија. Само таквиот пристап може да доведе до добрососедски односи и пријателски односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање.