Овие избори се во духот на референдум за владеењето на Зоран Заев, којшто гледам дека и тој го прифати, па истакна дека ако изгуби со Скопје ќе си даде оставка и од премиер и од претседател на СДСМ, па така граѓаните не одлучуваат само кој може најдобро да ги реши комуналните проблеми, туку дали овој систем на владеење кој генерира корупција и уназадување, кој може да не донесе во ситуација буквално да нема струја во земјава, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва во „Трилинг “ во 24 Телевизија.
Николоски рече дека граѓаните одлучуваат дали ќе владее влада со криминали и корупција или ќе се случат промени за нова иднина на Македонија.
Очекуваме граѓаните да излезат масовно во уште поголем број од првиот круг и да дадат шанса на промените, за заеднички да создадеме нова иднина, која не може да се направи со стара влада, потенцираше Николоски.
Николоски објасни дека преговорите кои подолг временски период се прават со пратеници кои не се дел од СДСМ и ДУИ, за кои се надева дека по изборите ќе бидат охрабрени да се дискутира за ново парламентарно мнозинство или нови предвремени парламентарни избори, кои два процеси се комплементарни.