Одлично се одвиваат подготовките за почеток на изградба на брзата пруга преку Договорот за партнерство со Обединетото Кралство, истакна во гостувањето во “Само Интервју” заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој најави почеток на работите на терен од есен годинава.

-Одлично течат подготвителните работи, трасата е веќе избрана, сега се работат потребните геолошки истражувања, студии, се работат претпроектирања и проектирања и тоа е рокот од една година кој што лани го зададовме. Ќе бидеме во рамки на рокот, а тоа значи дека во текот на летото сето ова ќе биде завршено, после тоа ќе може да се потпише договорот со финансиерот, односно Банката и да почне она што за граѓаните е видливо, а тоа е работа на терен. Рокот останува ист, односно до крајот на 2031 година, рече Николоски.

Во однос на изградбата и реконструкцијата на болници во Штип, Тетово и Кичево, објекти кои се исто така опфатени со Договорот за партнерство со Обединетото Кралство, вицепремиерот истакна дека во овој дел Министерството за финансии веќе е во крајна фаза за избор на индикативна понуда за финансирање на истите.