Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Подгорица се сретна со црногорскиот министер за транспорт, Радош Зечевиќ. Разговарале за подобро транспортно поврзување меѓу Македонија и Црна Гора, пристапот до пристаништата и можностите за развој на соработката.

На средбата била истакната и потребата од зголемување на економската и трговската размена, подобро регионално поврзување и модернизација на транспортната инфраструктура.

Николоски посочил дека Македонија работи на доизградба и модернизација на европските транспортни коридори. Целта, како што истакнал, е подобро поврзување на регионот, олеснување на транспортот и обезбедување подобар пристап до регионалните пристаништа.

Соговорниците размениле искуства и практики во областа на поморскиот сообраќај. Се согласиле дека е потребно да ја унапредат соработката во областите од заемен интерес, за да се создадат подобри услови за транспорт, трговија, инвестиции и економски развој во регионот.