Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, при посетата на Тирана се сретна со претседателот на Собранието на Албанија, Нико Пелеши. Разговарале за односите меѓу двете земји, институционалната соработка, прашањата поврзани со заедниците и општествената кохезија.

Ферати истакнал дека директниот дијалог, размената на искуства и конкретните партнерства се важни за создавање поповрзан, посоработлив и поевропски регион.

„Унапредувањето на односите меѓу двете земји на ново ниво е предуслов за уште поефикасно функционирање на Охридскиот договор“, му порачал Ферати на Пелеши. Во разговорот ја нагласиле важноста на добрите односи и конкретната институционална соработка, особено во областите поврзани со заедниците, животниот стандард, инклузијата и зајакнувањето на општествената кохезија.

Министерот изразил благодарност за гостопримството и за отворениот и содржаен разговор. Средбата се одржала во период кога Собранието на Албанија расправало за законот за територијална реформа на општините во земјата.

Во рамките на Балканскиот бизнис-форум, Ферати се сретнал и со Јорида Табаку, една од водечките фигури на Демократската партија на Албанија. Тој ја опишал како личност која ужива голема почит кај меѓународните партнери. На средбата разговарале за соработката во рамките на европското политичко семејство и за заедничкиот пат кон Европската Унија.

„Ќе продолжиме заедно да чекориме по овој европски пат“, истакнал Ферати, нагласувајќи ја важноста на соработката и партнерствата за приближување на земјите од регионот кон Европската Унија.