Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, најави дека наскоро треба да започне изградбата на нова автопатска делница Кичево–Букојчани, која, според него, ќе биде шестиот автопат што се гради откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт.

Станува збор за делница долга 12,5 километри, која се наоѓа на еден од најсложените терени на Коридорот 8 и треба да го поврзе автопатот Гостивар–Букојчани со делницата Охрид–Кичево.

„Ние сме во подготовки и многу брзо време ќе почнеме со изградба на шести автопат во Македонија откако оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Тоа е автопатот кој што оди од Кичево до Букојчани. Тоа е 12,5 километри во најтешкиот терен на Коридорот 8, односно на спојот на Скопје со Струга и со Охрид“, рече Николоски.

Тој објасни дека во моментов е при крај изградбата на автопатот Охрид–Кичево, кој завршува над Кичево, додека паралелно со конзорциумот „Бехтел и Енка“ се градат делниците Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани.

Со изградбата на новата делница, како што посочи Николоски, треба да се надмине преостанатиот простор од околу 25 километри и да се создаде поврзана целина на западното крило на Коридорот 8.

„Таму кај што завршуваат овие два автопати, останува еден простор од 25 километри до спојот со Охрид–Кичево и со цел да има една целина целото западно крило на Коридорот 8, решивме прво да скратиме во километри некаде околу 13 километри и второ тоа да биде автопат“, рече вицепремиерот.

Николоски најави дека новиот автопат ќе се протега од Букојчани над Кичево и ќе го поврзе автопатот што го гради „Бехтел и Енка“ со делницата Охрид–Кичево.

„Прашање на денови е кога таму ќе почнат градежните активности“, изјави Николоски.

Тој се осврна и на поширокото значење на патната инфраструктура за Македонија, посочувајќи дека низ земјата минуваат два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10.

„Ние сме единствена држава во Југоисточна Европа каде што се сечат два паневропски коридори. Нема многу, 11 се вкупно, а два од тие 11 се сечат кај нас“, рече Николоски.

Според него, иако немањето излез на море претставува неповолност, геостратешката положба на земјата може да биде искористена како предност преку развој на транспортните коридори.

„Несреќна околност за Македонија е што нема излез на море, но среќна околност е геостратешката положба и се обидуваме максимално да ја искористиме“, посочи Николоски.

Тој оцени дека развојот на коридорите има и политичко и економско значење за државата.

„Ние сега ги развиваме коридорите затоа што тоа треба да е политичка стабилност за државата, затоа што кога ќе ги развиеме нема веќе прашање дали Македонија може или не може да опстои како држава политички и второ, носат големи економски бенефити“, рече вицепремиерот.

Во однос на Коридорот 10, Николоски посочи дека неговата траса низ Македонија во најголем дел била завршена уште во периодот на поранешна Југославија. Како актуелен проект на овој коридор, тој ја издвојува патната делница во близина на Кавадарци.

„Во близина на Кавадарци тоа беше еден од првите проекти кои ги завршивме. Го пуштивме експресниот пат кој оди од Градско до Дреново, втората фаза беше од Дреново до Фариш и на тој начин доста се крати, но станува и покомотно патувањето кон Прилеп и кон Битола“, рече Николоски.

Тој најави и нови инфраструктурни проекти во источниот и југоисточниот дел од земјата.

Во моментов се работи на проектирање на делницата која треба да се протега од Кочани преку Виница и Делчево до границата со Бугарија. Николоски информираше и дека при крај е тендерската постапка за избор на проектантска компанија за делницата Радовиш–Струмица–Ново Село–граница со Бугарија.

Во однос на поврзувањето со Бугарија, Николоски потсети дека експресниот пат Страцин–Крива Паланка е ставен во функција во јануари 2025 година, а изградена е и обиколницата околу Крива Паланка. Во следниот период, како што рече, се работи и на проширување на граничниот премин.

„Тоа значи дека трите патишта кои не поврзуваат со Бугарија ќе бидат на ниво на автопат или експресен пат“, изјави Николоски.

Тој изрази очекување дека и од бугарска страна ќе следува сличен инвестициски циклус во инфраструктурата, што, според него, би можело да придонесе за поголема економска соработка меѓу двете земји.

„Се надевам дека и од страна на Бугарија ќе има исти инвестициски циклус во инфраструктурата за да покажеме барем дека може да соработуваме економски, да се поврземе“, рече Николоски.

Според него, подобрата инфраструктурна поврзаност би можела да придонесе за зголемување на деловната соработка и движењето на луѓе меѓу Македонија и Бугарија.

„Повеќе луѓе во Бугарија ќе се занимаваат со тоа како да направат бизнис во Македонија и обратно, отколку да се занимаваат со коски од пред 1.000 години“, порача Николоски.