Како опозиција максимално правиме да ги спротивставиме аргументите и да ги презентираме нашите гледишта и пред јавноста да го пресликаме она што се случува. Еве веќе една недела во Собранието има една класична политичка корупција и политичка проституција. Тоа е затоа што на ниеден друг начин не може да се образложи и оправда ова што се прави во македонското Собрание, а тоа е обидот за влез на уште една политичка партија односно Алијанса на Албанците да влезе во Владата, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната собраниска седница.

Тој посочи дека со ваквиот начин на функционирање и поставување на работите целосно се делегитимираат изборите.

„Ваквиот начин на функционирање и ваквиот начин на поставување на работите, целосно ги делегитимира изборите во Македонија затоа што која е поентата да се натпреварувате на избори ако на крајот сите сакаат да влезат во Влада? Која е поентата во условно кажано албанскиот кампус Алијанса на Албанците да е противник на ДУИ и да се натпреваруваат помеѓу себе на избори ако на крајот после изборите и едните и другите сакаат да бидат дел од Владата?“, рече Николоски.

Николоски додаде дека се отвораат и други некои сериозни прашања поврзани со функционирањето на Македонија.

„Имено државата неслучајно е вака поставена како што е поставена. Македонија е етнички мешана држава и постојат механизми коишто во изминативе 32 години одржаа каква таква стабилност во Македонија. Еден од тие механизми е дека и во власта и во опозицијата има најмалку по 2 политички партии кои се застапени, при што едната политичка партија главно ги претставува етничките Македонци а другата главно етничките Албанци. Ние можеме главата да ја ставаме во песок, но тоа е така и така функционира Македонија и заради тоа имаме релативна стабилност во Македонија“, вели Николоски.

Тој посочи дека мора сериозно да се размисли за темелите и за основите на кои е поставена оваа држава како и за рушењето и за ударот врз тие темели на кои е поставена Македонија.

„Со обидот да се уништи било каков плурализам кај Албанците во Македонија и со обидот сите албански политички партии да станат дел од Владата практично се удира во темелот на функционирањето на македонската држава затоа што се рушат балансите и во исто време мнозинската етничка задница во овој случај тоа е македонскиот народ кој е силно фрустриран затоа што политичката партија која победува на претходните два изборни циклуси кај Македонците а тоа е ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција од една страна, а од друга страна се уништува или убива опозицијата во албанскиот политички кампус“, изјави Николоски.

Николоски истакна дека нема никакво идеолошко спојување на политичките партии кои што се сега во моментот на власт политичката партија Алијансата на Албанците.

Тој додаде дека Втората работа која сака да ја каже е поврзана со политичката корупција каде очигледно дека заради класична политичка корупција се руши системот во Македонија.

„До денес во целата оваа дебата која ја слушаме недела дена во Собранието не слушнавме ниту еден аргумент поврзан со програмски определби на политичка партија или со идеологија на политичка партија зошто политичката партија Алијанса на Албанците сака да се приклучи на владејачкото мнозинство“, потенцираше Николоски.

Тој додаде дека идеолошки Алијанса на Албанците не одговара да е дел од Влада бидејќи е десно ориентирана партија

„Најпрво тие не одговараат идеолошки затоа што Алијансата на Албанците произлезе од ДПА која е десно ориентирана политичка партија и Алијансата на Албанците се дефинира како таква, всушност кај нас и кај мене лично челниците на Алијансата на Албанците молеа за контакти со сестринските десничарски партии и со фондациите кои одржуваат поврзување на десните политички партии како што се Европската народна партија и фондацијата Конрад Аденауер“, дециден е Николоски.