Владата ја следи ситуацијата со прехранбените производи и горивата
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека на следната седница на Владата во вторник ќе се разгледуваат мерки против одредени шпекулативни однесувања кај прехранбените производи.
Тој посочи дека Владата веќе интервенирала со намалување на ДДВ-то на горивата и со намалување на акцизата, што позитивно се одразило врз инфлацијата, која споредено март 2026 година со март 2025 е само 0,7 проценти.
Николоски рече дека кризата на Блискиот Исток влијае на економијата и дека Владата презела мерки уште на првиот бран на кризата. Тој посочи дека се забележуваат шпекулативни однесувања, каде цените на одредени производи растат од ден на ден. Посочи дека, на пример, цената на битуменот пораснала за 100 проценти само за еден месец, иако залихите се чуваат најмалку три месеци.
„Слично беше и кај прехранбените производи и јајцата, и затоа го задолживме Министерството за економија и труд заедно со државниот трудов и пазарен инспекторат да направат споредба на цени, квантитативно, затоа што ова нема да заврши со Велигден. Во вторник на редовната седница на Влада ние ќе го гледаме овој извештај и врз основа на тоа ќе преземеме мерки“, изјави Николоски.
Можно воведување на рестриктивни мерки
Министерот додаде дека мерките можеби ќе треба да вклучуваат и рестриктивна политика, за да бидат казнети оние што ја злоупотребуваат ситуацијата.
„Тоа е вториот дел. Доколку продолжи кризата, секако ќе интервенираме. По примирјето се надевам дека ситуацијата ќе оди во добра состојба и дека нема да се повтори овој конфликт на Блискиот Исток“, изјави Николоски.
Николоски потсети дека минатата година имало „картелско здружување“ на повеќе маркети, што на крајот било потврдено од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Тој нагласи дека тогаш станувало збор за шпекулативно однесување.
„Оваа година кризата е увезена од надвор, но повторно се појавува шпекулативно однесување. Конфликтот таму траеше нецели четири недели, а цените од ден на ден се менуваат. Никој нема залиха во магацините, и робата веднаш се продава на граѓаните. Тоа е надвор од било каква економска логика и јасно е дека имаше шпекулативно однесување“, рече Николоски.
Горивата во Македонија најевтини во регионот
Николоски потсети дека Владата интервенирала во делот на цените кои се поврзани со берзата – бензин и нафта. Тој истакна дека сега Македонија има најевтини цени на бензините и дизел горивото во целиот регион.
