Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вели дека доколку опозицијата дојде на власт ќе ја „среди“ државата за помалку од една година.

„Македонија може да почне преговори со ЕУ без уставни измени затоа што средена Македонија внатре ќе биде сериозен притисок врз Бугарија да се откаже од максималистичките барања кои ги има. Несредена и ваква Македонија значи прифаќање на бугарските барања. За 6 месеци до 1 година државата може лесно да се среди, сите знаеме каде се дувлата на корупцијата“, изјави Николоски во вечерашното интервју за Сител.

На прашање за зголемување на функционерските плати тој рече дека е против, но дека ВМРО-ДПМНЕ не поднесува законски измени со образложение дека парламентарното мнозинство ќе ги одбие таквите измени. А, според Николовски, не можело за одредена материја два пати да се поднесува ист закон.

Во врска со уставните измени тој рече дека земјите на ЕУ не прават притисок во Бугарија во моментов затоа што сметаат дека Македонија не е спремна да почне преговори. Тој го објасни предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се препише хрватскиот устав.

„Доколку се прифати нашиот предлог Македонија би била национална држава на Македонците и на националните малцинства кои живеат во неа. Доколку се прифати ова што го предлагаат СДСМ и ДУИ македонскиот народ ќе биде скоро израмнет со бугарскиот народ, што е цел на Бугарите. Затоа што во постојната преамбула пишува граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, ја формира Република Македонија. Што значи дека ако се додаде бугарскиот народ, тој ќе биде конститутитвен елемент на Македонија што е спротивно на историјата и на реалноста, во тој случај паѓа цо вода Народно ослободителната војна, одлуките на АСНОМ и формирањето на македонската држава“, рече Николоски.