Владата утре ќе ги корегира цени на 11-те видови овошје и зеленчук кои ги замрзна минатата недела, но по два дена се премисли и најави дека утре ќе ги корегира затоа што прикажаните цени на увозниците не биле точни.

Ова следува откако Владата ги замрзна цените, а трговците се жалеа дека цените се прениски и не им е исплатливо да продаваат по истите. Затоа на пазарите мерката не се почитуваше, а во дел од маркетите производите ги снема од рафтовите.

Според изворите на „Сител“ дел од производите ќе поскапат за 5, а дел за 20 денари, но дека поскап производ од 100 денари нема да има.

Цената на 3,4 продукти ќе се зголеми за 20 денари, на 2,3 за 5, а на останатите за 10 денари. Кој производ за колку поскапо ќе се продава – ќе се знае утре, но ако најбарани во моментов се доматите и краставиците, чија цена е замрзната на 70, односно 75 денари, со евентуалното зголемување од 20 денари, би се продавале за 90 и 95 денари. За пиперките неизвесно е колку ќе биде повисоката цена, но нема да биде поголема од 100 денари. Цените ќе се корегираат затоа што увозниците, кои со години доставувале лажни фактури до царина за да платат помал данок, конечно почнале да пријавуваат регуларни цени. Воедно со одлуката ќе им се излезе во пресрет и на домашните оранжерии.