Подолг временски период ВМРО беше илегална политичка формација, дали е тоа во битката со Отоманската империја, дали е тоа во битката со Кралство Југославија или после тоа во битката со комунизмот и имаше среќа ВМРО да воскресне повторно во 1990 година низ политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и да стане национален проект на македонскиот народ за самостојна и просперитетна Република Македонија, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во своето обраќање на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“
„Јас ја имам ретка привилегија да бидам дел од два циклуси на реформи на партијата, дел од два циклуси коишто партијата ја носеа чекор напред. Во тој период 2004-2005 година партијата помина низ една внатрешна катарза, успеа да генерира една нова енергија, да привлече нови луѓе, да презентира нови идеи во едни услови кога директно беше погодена Македонија. Тазе завршен воен конфликт во кој што постоеше обид Македонија да биде распарчена како држава во 2001-та година и во тие моменти се случуваше територијалната организација со која што вештачки се прекроија границите на општините на Македонија. Тоа беше такво време, време на национални предавства и точно, тогаш ни се приклучија многумина во Унијата на млади сили коишто сега се едни од водечките луѓе на партијата, ги гледам тука како претседатели на општински комитети како пратеници, дел од нив седат и овде и се надевам како идни луѓе кои што ќе преземат одговорни позиции. Дел од нив се исто така и во науката дел се во бизнисот и ја градат својата кариера и помагаат Македонија да оди напред“, истакна Николоски и додаде:
‘
„Вториот период беше од декември 2017 година кога претседателот Мицкоски беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ во, според мене и според она што сум го видел во партијата, јас сум член на партијата од 2003 година, а за ВМРО знам откако знам за себе, мислам дека ја презеде партијата во најтешкиот период од постоењето на партијата. Да потсетам, во декември 2017 година ВМРО-ДПМНЕ беше политичка партија која што беше надвор од Собранието, беше политичка партија чиј што дел пратеници беа под прогон, беше политичка и делумно и сега е со замрзната банкарска сметка и беше и сѐ уште е политичка партија со замрзнат имот и беше поитичка партија која што беше изолирана како од домашната така и од меѓународната јавност. Низ овие години успеавме да поминеме низ внатрешна катарза, низ прочистување на партијата, низ определување на нови правци коишто сега треба да дадат одговор на три напади коишто ги доживува Македонија а чија што крајна цел е уништување на Македонија ваква каква што ја знаеме. Прво економски колапс којшто е преточен низ една сериозна корупција која што мора да ја удриме во чело. Второ, национални предавства коишто ги гледаме во моментов кон она што се случува и со односите со Бугарија но и внатрешниот политички систем и начинот на кој што се владее Македонија и третиот предизвик којшто во моментов го гледам е еродирањето на сите институции коишто значат државност. Доколку се удрат овие три столба, нема држава. И затоа ова е порака за идните генерации, да ни се приклучат, битката допрва почнува и ова е последна шанса да направиме модерна и просперитетна, независна Македонија“.
Тој исто така ги повика младите да се приклучат на ВМРО-ДПМНЕ и да преземат одговорност после формирањето на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, за Македонија да биде извадена на прав пат како модерна и независна.
„Клучно е да ни се приклучат во месеците коишто се пред нас. На месеци сме пред клучна промена во Македонија и пред формирање на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На сите тоа им изгледа како најтешката работа, а тоа според мене е полесниот дел од работата, потешкиот ќе се деновите и годините после тоа. Мораме да ја извадиме Македонија на прав пат. Ова е последна шанса да направиме модерна и независна Македонија, а за тоа ни требате, не исселени надвор, ни требате во партијата и ни требате да преземете одговорност“ заклучи Николоски.