Ставот на партијата е јасен, ние не поддржуваме уставни измени под бугарски диктат. Така што јасно е и нема што тука дополнително да додаваме или одземаме. Година дена власта ја влече оваа тема во јавноста, година дена раскажуваат приказни, добро е што ќе дојде во Собрание за да се увери целата јавност дека нема мнозинство и дека ниеден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да гласа за отворање на Уставот, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за МТВ.

Николоски потенцира дека лошо е што државата е ставена во една ваква ситуација да се дискутира за македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската историја, култура и јазик, а од друга страна добро е што целата вистина ќе излезе на виделина.

Во однос на странските министри кои доаѓаат Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ пред нив ги презентира своите ставови и нема нешто што јавноста не го знае.

– Имаме јасен и цврст став, тоа е ставот кој го дели мнозинството од населението, 85% од етничките Македонци се против уставните измени, а токму тие се загрозени од овие бугарски барања. Никој не дал гаранција дека ова ќе е последно барање на Бугарија, никој не гарантира дека за 6 до 12 месеци нема да има друго вето на пример за националната определба на Гоце Делчев или за вечното почивалиште на Делчев дали треба да е во Свети Спас во Скопје или во Благоевград како што сега бараат одредени кругови во Бугарија. Никој не гарантира дека ова ќе е последно барање ти тоа една од причините зошто сме против, рече тој.

Николоски посочи дека во Македонија се најде влада, оваа на СДС и ДУИ која прифати се што Бугарија бара 150 години наназад.

– Тоа е првиот проблем на Македонија, тоа што оваа влада прифатила. Барањата не се од ЕУ туку се прифатени од оваа влада во Македонија која вели дека ова е одлично, а колку е одлично еве кажува народот со мислењето кое го изразува, изјави Николоски.

Како што додаде вториот дел, е поврзано со борбата со криминал и корупција.

– Имено голем број големи земји членки на ЕУ, мислат дека Македонија не е спремна за почеток за преговори заради високото ниво на криминал и корупција кои ги има во моментов во Македонија и ја користат Бугарија како добар изговор со цел да не треба тие да стават вето. Ако се удри на криминалот и корупцијата во чело ќе видите како притисокот ќе се префрли во Софија. Досега никој не ја притиска Софија, сите доаѓаат во Скопје затоа што работите не се такви како што треба да се и има влада која прифаќа се. Ако внимателно ги следите нивните изјави никој не спомнал членство на Македонија во ЕУ, сите велат почеток на преговори и никој не зборува за завршување на преговори, што јасно го потврдува ова и всушност еден амбасадор на земја членка тоа јавно го кажа, изјави Николоски.