Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува Бугарија да ја испорача Ива Михаилова на македонските власти, откако против неа е распишана меѓународна потерница по бегството од Македонија. Во гостувањето во емисијата „Колегиум“ на телевизија Алфа, Николоски порача дека Бугарија, како членка на НАТО и Европската Унија и земја која се декларира како развиена демократија, треба да го почитува владеењето на правото и да ги испорачува лицата кои бегаат од правдата.

„Министерството за внатрешни работи имаше прецизна комуникација во овој дел, каде што кажаа дека Ива Михаилова практично избегала од Македонија. Денеска е објавена меѓународна потерница и очекуваме Бугарија, како земја членка на НАТО и на ЕУ, како една развиена демократија во која се почитува владеењето на правото, лицата кои се по потерница и бегаат од правдата да ги испорача за да се соочат со правдата“, изјави Николоски.

Осврнувајќи се на тврдењата за наводна дискриминација во случајот со Михаилова, Николоски повика да не се подлегнува на провокации и нагласи дека постојат домашни и меѓународни институции кои се надлежни да утврдат дали некому му се прекршени правата.

„Имаше случаи и во минатото. Мислам дека треба да сме паметни и да не паѓаме на провокации. Има во Европа кој кажува дали се прекршени правата или не. Прво имате домашни институции, како Комисијата за заштита од дискриминација, судови и други институции. Доколку не им верувате, има Европски суд за човекови права во Стразбур“, рече Николоски.

Тој посочи дека, според информациите со кои располага, до Европскиот суд за човекови права не бил доставен ваков случај, ниту, како што нагласи, постои одлука на судот со која би се потврдиле наводите за повреда на правата на Михаилова.

„Колку што знам, Судот во Стразбур нема ваков случај, ниту таа личност таму поднела апликација, камоли судот да донел одлука. Нека добие од соодветна европска институција, како што е Европскиот суд за човекови права во Стразбур, пресуда, ќе ја почитуваме. Ама вака, без никакви докази, без никакви факти, јасно е дека се прави политичка злоупотреба“, истакна вицепремиерот.

Николоски оцени дека случајот се користи за политички цели, упатувајќи критики кон СДСМ, за која рече дека се спротивставува на македонските национални интереси и дека нејзин приоритет е доаѓањето на власт и финансиските бенефиции.

„Проблем е што има политичка партија која се вика СДСМ, која е 100 проценти против македонските национални интереси и која ја интересира само гола власт и финансиски бенефит“, изјави Николоски во гостувањето на телевизија Алфа.