Поминаа десет дена откако изгоре модуларната болница во Тетово. Има 14 жртви, можеби и повеќе, а се уште не се знаат никакви детали. Надлежните не покажаа ниту трунка морал, ниту трунка доблест. Се уверивме дека за нив човечкиот живот не значи ништо, а одговорност е мисловна именка. За нив ништо не значат човечките животи, не чувствуваат морална одговорност, оставки не даваат, освен што играат во ПР орото на Зоран Заев. Граѓаните имаат право да знаат, а одговорните мора да дадат одговори наместо да молчат. За почеток, кој е крив што се уште нема одговор од кој материјали биле изградени модуларните болници? Кој е крив што она што требало да издржи два часа во најлош случај, изгоре за две минути? Има повеќе прашања на кои што и понатаму се чекаат одговори, на кои што Зоран Заев и Венко Филипче заедно со директорите од ДУИ мораат да одговорат. Прво, како се градени модуларните болници, од каков материјал и на кој начин?, прашува Николов.

Тој додава, второ, дали министерството за здравство побарало и наложило спецификации и соодветни стандарди за градба на модуларните бараки? Стандарди според кои во нив ќе можат да се лекуваат пациенти и по 24 часа во текот на денот, во услови во ваква модуларна градба.

Трето, колку е платено за нивната изградба и дали тоа соодветствува на добиениот производ? Четврто, зошто немало противпожарни апарати и систем за противпожарна заштита? Петто, дали е нормално здравствена заштита во состојба на епидемија во инфективна болница да даваат членови на семејства на пациентите? Каде да пријават тие кои што тврдат дека им е барано мито? И дали е барано мито за нега и грижа за болните? Кој од власта се заканува на роднините на жртвите од несреќата и ги опоменува и им сугерира и кажува што да сведочат? И последно, што треба дополнително да се случи за да Зоран Заев и Филипче поднесат оставки и ја ослободат истрагата?Едноставно е, и тоа го знае секој оној кој има малце морал и малце чувство на одговорност фотелјите на Зоран Заев и Филипче не се поважни од вистината. Потребен е морал, доблест и етика. Функциите се менливи и минливи. Оставките се ДОБЛЕСТ! На потег е Зоран Заев и Венко Филипче за доброто на народот и за доброто на системот, вели Николов.