Позната е изреката на еден политичар кој доаѓа токму од Струмица, кој велеше дека судството ќе го распупи. Е па судството го распупија, а здравството го растурија. Што се случи минативе 7 години? Многу, многу, многу стратешки грешки, рече вонреден професор, доктор Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната дебата Политики за рестартирање на рaспаднатиот здравствен систем.
Како најголема стратешка грешка од сите Николов ја посочи одлуката за прекинување на градбата на КЦ Мајка Тереза.
„За оваа стратешка грешка нашите граѓани сега ќе плаќаат пенали од околу 18 милиони евра или колку што чинеше една Педијатриска болница како онаа во Козле“, додаде Николов.
Доктор Николов се осврна и на низата грешки кои се направени од оваа власт која го растури здравството.
„Позитивната листа, таа не е променета повеќе од 11 години. За да се внесат модерни лекови на листата се нема ниту желба ниту волја. Сега граѓаните купуваат лекови во соседните држави. Ова нешто ВМРО-ДПМНЕ во првите месеци од власта ќе го промени и веднаш ќе почне процедура за ревизија и модернизација на позитивната листа. Дијабетичарите, немаат сензори за мерење гликемија, нема лентички за мерење гликемија. Нема средства за ослободување на пензионерите со најниски пензии од партиципација. А ветуваа бесплатно здравство. Три акцелератори не се во функција оној во Скопје, во ГОБ 8-ми Септември и оној во Битола“, рече Николов.
Николов посочи дека лекарите секојдневно сведочат на проблемите на граѓаните.
„Листите на чекање никој не ги спомнува, а повеќе од очигледно е дека тие се предолги. Листите на чекање по короната се огромни“, рече Николов.
Докторот се осврна на случаите во Болницата во Битола, Болницата во Прилеп.
„По се што се случи не видовме никакви корективни мерки. Едноставно ништо не се прави за здравството“, заклучи Николов.