Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, нема да бара разрешување на поранешниот генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, кој не го користи ниедна институција.

На прашање од „360 степени“ – дали ќе предложи Рашковски да се повлече од функцијата, по примерот на екс-директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, за која токму Николовски лани побара да понесе политичка одговорност додека паралелно тече истрага за случајот, вицепремиерот за борба против корупцијата денеска изјави дека станува збор за различни случаи.

Според објаснувањето, предлогот за разрешување на Димова следувал откако финансиската полиција покренала кривична пријава, а се повика и на владиниот Кодекс за етичко однесување, алудирајќи дека функцијата на Рашковски не е опфатена со тој документ. Етичкиот кодекс, вели Николовски, важи за сите министри, заменик-министри и за сите функционери именувани од Владата.

Актуелната функција на Рашковски, пак, Владата ја воведе лани, со одлука за проширување на канцеларијата на премиерот со три нови секретаријати: Секретаријат за организација и администрација на работата на претседателот на Владата; Секретаријат за комуникации и јавни политики и Секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата. Токму со последниот секретаријат раководи Рашковски. За овие именувања (или разрешувања) решава премиерот.