Тој најави неколку проекти кои ќе се реализираат во насока на развој на општината.
– Македонска Каменица не е општина која е изоставена од нашиот план за рамномерен регионален развој. Денеска, особено ме радува сознанието дека наскоро ќе биде пуштен во употреба и паркот кадешто се наоѓаме во моментов, паркот „Младост“, како заеднички напор на Општината Македонка Каменица и младите од оваа општина. Сметам дека е од исклучителна важност младите во едно општество да имаат глас, во каква средина сакаат да живеат и да им биде отстапен простор да ја креираат, впрочем како што е направено со уредувањето на паркот пред кој стоиме, рече Николовски.
Упати порака до сите носители на одлуки да се направи повеќе простор за младите со цел нивно задржување и креирање средина која ќе го овозможи нивниот развој.
Николовски воедно приликата ја искористи да ја најави инвестицијата вредна 100 милиони евра за изградбата на модерен ски-центар кој, како што додаде, ќе се гради во срцето на Осоговските планини на Царев врв како еден од петте најголеми центри на Балканот.
Заменик премиерот се осврна и на како што рече олеснувањето на секојдневниот транспорт во регионот потпомогнат преку големиот инфраструктурен проект за реконструкција на патниот правец Каменица – САСА.
– Рехабилитацијата на регионалниот пат од Македонска Каменица до Саса е исклучително важно за развој на економијата во Источниот регион посебно ако се има предвид дека овде е лоциран рудникот Саса каде секојдневно поминуваат голем број на товарни возила. До 2020 година, инвестираме приближно 23 милиони евра во модернизација на патната мрежа во овој регион со што придонесуваме за подобро живеење и развој на економијата, додаде вицепремиерот.
Оваа Влада како што дополни се грижи за секој граѓанин подеднакво, за подобри услови за живот, за подобар животен стандард изразувајки чест и задоволство, што на деведесет и втората годишнина од големиот штрајк на рударите, се наоѓа во домот на една од најважните рударски заедници во земјава, поради што како што додаде слободно во очи може да ги погледне рударите и да им каже дека Владата од која е дел ќе продолжи да ги поддржува и да ги унапредува нивните права.
– Веќе три години е на сила Законот за рударите, со кој се овозможува пензионирање без оглед на возраста на работниците. Сега рударите можат да заминат во старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако до 2018 просечната возраст на пензионирање кај рударите беше 58 години, согласно новиот закон може да се пензионираат по навршувањето на 50 години, додаде Николовски кој по изјавите за медиумите имаше кратка средба со генералниот директор на Рудник Саса, а заедно со градоначалничката Стаменкова го посети и паркот „Младост”.