– ,,Сведоци сме дека од ден на ден овие мирни протести добиваат на интензитет и ги пречекоруваат законските рамки за изразување на несогласување со одредени политички одлуки. Доколку на сето тоа му се даде и етничка конотација навистина би можело да се создадат услови кои би предизвикале загрозување на безбедноста од пошироки размери“- смета професорот по безбедност д-р Марјан Николовски.

Во ,,Безбедносната анализа на протестите“ за Лидер, професор Николовски се осврнува на влијанието на странски разузнавачки служби врз протестите, нивната крајна цел, искористување на целата ситуација на одредени политички структури во земјава и странство преку можна радикализација и дестабилизација на безбедносната состојба, што треба да направи власта и како да се однесуваат политичките партии.

Неопходна е поголема активност и заседавање на државниот врв преку свикување на Советот за безбедност, вели Николовски, членовите да ги приберат сознанијата и проценките од надлежните безбедносни институции, да направат квалитетна безбедносна дијагноза со што би спречиле потенцијалните ризици преминат во безбедносни закани од пошироки размери.

Клучно во овие моменти е дистанцирање на политичките влијанија врз ефикасното функционирањето на надлежните државни институции.

Лидер: Од ден на ден се повеќе се заоструваат протестите. Вчера ситацијата ексалирше. Се извадија пиштоли и се вперија кон маса луѓе. Ситуацијата станува изразено сериозна. Дали е загрозена безбедноста на државата?

-Република Северна Македонија е демократска држава, со парламентарна демократија, повеќепартиски систем, каде граѓаните преку своите народни избраници-пратеници во македонското Собрание ги остваруваат своите граѓански права и слободи. Се разбира дека во една парламентарна демократија за еден ист настан или предлог, различните политички партии и граѓаните воопшто без оглед на нивната политичка припадност имаат различни размислувања, и одобрувања или осуди за одредени настани. Во конкретниот случај пред македонската држава е изнесен официјален предлог од страна на 27 земји членки на Европската Унија, кој предлог е прифатен од Собранието на Република Бугарија и сега се очекува одговор од македонската влада. Тоа се крупни одлуки кои граѓаните ги очекуваат и кои ги определуваат идните правци на развој на државата, регионот и пошироко. Токму затоа е и огромниот интерес од влијателните држави за донесување на позитивна одлука за прифаќање на францускиот предлог и отпочнување на преговорите меѓу Македонија и Европската Унија.

Се разбира кога имаме разидување и различни погледи за еден ист настан, какво и да е понуденото решение ќе има незадоволна страна која легитимно има право да се изјасни против предлогот. Доколку граѓаните делумно или целосно не се согласуваат со предложеното, имаат легитимно право да го искажат своето мислење и несогласување со одредни активности во рамките на законот, како што всушност се и протестите. Но често пати мирните протести прераснуваат во насилни протести, демонстрации и меѓусебни физички пресметки кои доведуваат до загрозување на личната безбедност на граѓаните кои протестираат, па дури и до загрозување на безбедносната состојба од пошироки размери. Во прилог на ова што го говорам да се потсетиме на конфликтот од 2001 година, кој започна со мирен протест , органзииран од страна на едно невладино здружение низ тетовските улици по што прерасна до насилни демострации, пукање со огнено оружје во руралните средини до отворен вооружен конфликт со безбедносните сили на државата и со многу жртви на двете страни.

Лидер: Каде води оваа ситуација ?

-Сведоци сме дека од ден на ден се повеќе се радикализираат протестите, но загрижува податоктот што одредедни политички структури и ја најавија радикализацијата на протестите.
Република Северна Македонија е мултитеничка држава што од своја страна и дава специфика кога станува збор за одржување на стабилна безбедносна состојба. Во највисокоте безбедносни акти како што е Концепцијата за национална безбедност се предвидуваат можните ризици и закани кои можат да ја дестабилизираат државата од пошироки размери. Меѓу првите ризици кои се предивидуваат се и можни манифестации на екстремен национализам , расна и верска нетрпеливост,како и поседување на голема количина нелегално оружје и сл. На последните протести веќе се наѕираат ове елементи кои доколку во наредниот период се интензивираат може да имаат влијание врз безбедноста во државата. Затоа, многу е важно во ваква состојба, превентивно да се интервенира од страна на релевантните државни институции и да се превземат конкретни мерки за отстранување на приничините кои ја предизвикале таквата сосотојба.

Лидер: Кој и дали провоцира меѓуетнички тензии?

-Сведоци сме дека од ден на ден овие мирни протести добиваат на интензитет и ги пречекоруваат законските рамки за изразување на несогласување со одредени политички одлуки. Реална е опасноста да овие протести можат со поддршка од одредени политички партии како и со посредена поддршка од страна на странските разузнавачки служби да предизвикаат насилство и реакција меѓу неистомислените страни. Доколку на сето тоа му се даде и етничка конотација навистина би можело да се создадат услови кои би предизвикале загрозување на безбедноста од пошироки размери.
Република Северна Македонија во последниот период, особено со Француското претседавање со Европската Унија, претставува интерес на значајни меѓународни органзации, како што се Европска Унија , НАТО и сл. Но исто така паралелно претставува сфера на интерес и на земјите од опкружувањето и од голмите сили како што се Руската Федерација и Соединетите Американски Држави. Во ист период зголемено е присуството и делувањето на повеќе разузнавачки служби на држави кои имаат влијанија на овие простори. Дел од нив делуваат и дирекно и со изразито агресивни методи на разузнавачко делување, но дел делуваат посредно, во закрила на одредени меѓународни организации. Крајната цел на сите нив е превземање на активности на териотрија на Република Северна Македонија кои активности би биле во интерес на нивните национални безбедносни интереси од државите од каде доаѓаат и се финансираат.

За агресивното делување на странските разузанвачки служби , пред се на повилијателните светски служби, потврдуваат и нашите наделжни институции, чија основна надлежноист е спречување на делување на странските разузнвачки служби на територијата на Република Северна Македонија, како што е и Агенцијата за национална безбедност која достави информации до Министерството за надворешни работи за протереување на дел од персоналот на Руската амбасада во Скопје, што впрочем и се сллучи во минатиот период во неколку наврати.
До колку и во наредниот период дојде до радикализацијата на протестите , со изразено насилство, употреба на огнено оружје или евентулани жртви на било која страна, истото би можело да биде искористено од страна на одредени политички стуктури во земјата и во странство за радикализација и дестабилизирање на безбедносната состојба од пошироки размери и на тој начин истите би можеле да имаат поголемо влијание и да ги остварат своите политички цели на овие подрачја.

Лидер: Што треба да направи државата наместо да се водат прес конференции со партиски препукувања?

-Она што требе да го направи државата преку своите надлежни институции е дистанцирање на политичките влијанија врз ефикасното функционирањето на надлежните државни институции. Неопходно е поголема активност и заседавање на државниот врв т.е. Советот за безбедност во кој членуваат највлијателните политички личности кои имаат моќ да донесат законски легитимни одлуки кои следствено би требало да бидат имплементирани и спроведени од страна на извршната власт. Членовите на Советот треба да ги приберат сознанијата и проценките од надлежните бeзбедносни институции, да направат квалитетна безбедносна дијагноза на безбедносната состојба, но исто така и безбедносна прогноза за наредниот период, со што би ги мобилизирле надлежните безбедносни институции и на тој начин би спречиле да потенцијалните ризици преминат во безбедносни закани или пак во загрозување на безбедноста од пошироки размери.

Политичките партии своите политички залагања треба да ги остваруваат преку легалните институции но во овие тешки моменти за државата треба да се покаже пред се државничко ниво, политичка мудрост и безбедносна култура каде самите претставници на политичките партии би превзеле конкретни чекори, прво преку своето членство, а потоа делувајќи и пошироко во заедницата во правец на стабилизација на состојбата и донесување на мудри одлуки кои би биле во интерес на безбедноста на државата и безбедноста за идните генерации, вели д-р Марјан Николовски, професор на Факултет за безбедност во Скопје.